На 15 март се очекува во земјава да пристигнат првите вакцини против голема кашлица за возрасни / Photo: AA

Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) денеска ја доби одлуката од министерот за здравство, врз основа на препораките од Комисијата за заразни болести, да изврши вонредни инспекциски надзори и забрани прием на деца во предучилишни установи, кои не се имунизирани, или се нецелосно имунизирани со Ди-Те-Пер, информираат попладнево од Инспекторатот.

„Вонредните инспекциски надзори ќе започнат во понеделник, 11 март, со издавање решение за забрана на прием на деца, кои не се имунизирани или се нецелосно имунизирани со ДТП, како и други наложени епидемиски мерки“, појаснуваат од ДСЗИ.

Исто така, додаваат оттаму, ќе се задолжат одговорните лица во предучилишните установи да изготват список на сите невакцинирани деца со ДТП.

„Да не се примаат деца со други инфективни заболувања, како и за секое зголемено отсуство да биде известен Центарот за јавно здравје - Скопје“, истакнуваат од Инспекторатот.

Во земјава досега се регистрирани 123 заболени лица со голема кашлица од кои 109 случаи се во Скопје.

Големата кашлица е предизвикана од бактеријата „бордатела пертусис“ и е многу заразна респираторна болест позната по силните напади на кашлање. По овие напади, болните често мора да земат длабок здив. Инфекцијата се шири низ респираторниот тракт кога заразеното лице кашла или кива. Луѓето во близина можат да ги вдишат овие капки и да се заразат. Големата кашлица ги погодува сите возрасти, но кај возрасните обично е поблага и се опишува како 100-дневна кашлица што може да се лекува. Но, кај децата тоа може да доведе до компликации како воспаление на белите дробови, отежнато дишење и напади.

На 15 март се очекува да пристигнат првите вакцини против голема кашлица за возрасни во земјава. Тие ќе бидат наменети само за возрасните што живеат во семејства со деца под 2 години, вработените кои работат со деца под 2 години, како и жените бремени во третиот семестар од бременоста.

TRT Balkan / агенции
Популарни