Добротворната организација со седиште во Берлин повикa на итна акција бидејќи инфлацијата, зголемените сметки за енергија ги оставаат семејствата во неможност да си дозволат храна.
Речиси 3 милиони деца во Германија живеат во сиромашни семејства бидејќи кризата со трошоците за живот во земјата турка повеќе родители во сиромаштија, според детската добротворна организација Архе (Arche).
„Се повеќе луѓе доаѓаат кај нас, барајќи поддршка“, изјави Бернд Зигелков, основач на добротворната организација, изразувајќи жалење што властите не прават доволно за да го решат проблемот.
„Се чини дека никој нема да направи ништо додека не умре дете од глад во Германија. Властите треба да дејствуваат сега, не треба да ја чекаат следната година“, рече тој.
„Нема доволно поддршка за сиромашните луѓе. Банките за храна не прифаќаат повеќе луѓе“, рече тој.
Објектите на Архе во Германија поддржуваат илјадници сиромашни семејства и нивните деца. Тие помагаат да се задоволат основните потреби на децата, обезбедувајќи топли, готвени оброци и образовна поддршка.
Зигелков рече дека зголемените цени на енергијата и инфлацијата им отежнуваат на семејствата да си ги дозволат основните потреби и дека се повеќе луѓе ја контактираат неговата добротворна организација барајќи поддршка за своите деца.
„Цените растат, а всушност ова започна минатата пролет. Оттогаш многу семејства не можат да се справат со ова“, рече тој. „Многу луѓе работат за ниски плати. Богатите стануваат побогати, а сиромашните посиромашни“.
Без појадок
Стапката на инфлација во Германија достигна 7,5% во јули, а аналитичарите велат дека во наредните месеци би можела да достигне највисоко ниво во последните 70 години од 10%.
Домаќинствата ќе треба да платат околу 3.500 евра за гас оваа зима - речиси три пати повеќе од она што го платиле минатата година, според проценките.
Зигелков рече дека сиромашните семејства бараат начини да ги намалат трошоците и дека кризата има драматично влијание врз децата.
„Ако цените продолжат да растат вака, се повеќе деца ќе одат на училиште без да појадуваат“, рече тој.
„Кризата со коронавирус веќе имаше негативно влијание – децата се уште повеќе исклучени од порано. Инфлацијата сега ги остава родителите повеќе во очај“, додаде тој.
Државната програма за поддршка на невработени родители и сиромашни семејства не е доволна за задоволување на основните потреби, според Зигелков. Треба да има посериозни мерки, како откажување од ДДВ за прехранбените производи најмалку шест месеци.
„Мислам дека на нашата земја и недостасува лидерство“, рече тој со фрустрација. „Политичарите се кријат кога станува збор за важни прашања. Тие зборуваат и зборуваат, но не дејствуваат“.
Зигелков подвлече дека е потребна итна акција и дека властите треба веднаш да ја зголемат поддршката за невработените родители и сиромашните семејства и деца.
„Се надевам дека ќе видат дека имаме проблем со детската сиромаштија во оваа земја и дека бројот на засегнати деца расте. Мора да направиме нешто“, рече тој. „Мораме да направиме нешто за нив, и мислам денес, не можеме да чекаме повеќе“.