До крајот на 2023 четвртина од македонските граѓани ќе бидат сиромашни / Photo: Влада на РСМ

До крајот на 2023 година ние би имале вкупно 510 000 граѓани што се во умерена сиромаштија. Тука спаѓаат сите што имаат помалку од 200 денари на ден, што значи повеќе од четвртина од државата ќе имаат само за преживување. Ова го истакна економскиот истражувач проф. д-р Бранимир Јовановиќ на вчерашната панел - дискусија на тема „Достоинствен живот или преживување?“ одржана во Скопје.

Јовановиќ, на дискусијата организиран од Македонската платформа против сиромаштијата, во рамки на одбележувањето на меѓународниот ден за искоренување на сиромаштијата, 17 октомври, чија годинашна порака е „Пристојна работа и социјална заштита: достоинството во пракса, за сите!“, ги презентираше наодите од студијата за влијанието на инфлацијата врз сиромаштијата во земјава, направена заедно со Асоцијацијата за одржлив и инклузивен развој, и која мери и проценува за колку ќе се зголеми сиромаштијата во државава како последица на поскапувањето, односно во 2023 година споредено со 2021 година.

Во анализата направена е проценка за два вида сиромаштија - екстремна и умерена. Во екстремна сиромаштија спаѓаат оние кои живеат со помалку од 60 денари на ден, а во умерена сиромаштија се луѓе што живеат со помалку од 200 денари на ден.

„Резултатите од анализата покажуваат дека екстремната сиромаштија, како последица на оваа криза, ќе порасне за помеѓу 12 000 лица и 28 000 лица, што изнесува помеѓу 20 и 50 отсто зголемување во однос на претходната состојба, затоа што пред кризата државата имала околу 56 000 луѓе што живеат во екстремна сиромаштија“, истакна Јовановиќ.

Тој нагласи дека во умерената сиромаштија бројките се уште поголеми, односно таа ќе порасне за помеѓу 80 000 и 160 000 лица.

„Пред кризата таа бројка била околу 360 000 луѓе, сега според најновите податоци може да достигне до 510 000“, рече тој.

Неговите препораки се државата да ги замрзне цените и да ги држи замрзнати подолг временски период, да се спречи растот на цените и да се стави под контрола инфлацијата и паралелно со тоа да се зголемат сите примања на луѓето.

„Со ова нема да се намали тој број. Бројот на сиромашни драстично ќе порасне, но барем малку да се ублажи“, порача Јовановиќ.

На панел - дискусијата присуствуваше и потпретседателот на Советот на ССМ, Иван Пешевски, кој истакна дека она што години наназад е видливо е дека платите статистички растат, меѓутоа со тоа расте и ситромаштијата, со тоа што се повеќе граѓаните ја губат куповната моќ.

„Мојот апел е да се вратат парите на работниците ако сакаме да нема повеќе сиромаштија во државата, односно не бараме кратење на 78 посто од платата на функционерите, туку за тој процент да се зголеми и платата на работниците“, истакна Пешевски.

Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, истакна дека со сиромаштијата не се соочуваме само ние, туку и останатите земји во светот.

„Денеска е јасно дека доколку за време на последниве три кризни години, пост-ковид, енергетска и економска криза, Владата не ги спроведеше мерките кои ги спроведовме за заштита на стандардот на најранливите групи, а потоа и зачувување на работните места, денеска ќе имавме полоша слика“, изјави тој.

Вицепремиерот Битиќи додаде дека ваквите студии се добри за креирање на политики базирани на докази и дека такви ќе продолжат да прават.

„Постојано велам дека системските решенија се нужни за стабилност и предвидлив развој, но и едновремено ги заштитуваат најранливите, оние чии права први и најлесно се повредени во време на криза или политички премрежја. Ние донесовме такви системски решенија, тоа е носењето на минималната плата и методологијата за пресметка на пензиите. Оваа категорија на граѓани, како никогаш од независноста сега е заштитена токму од ваквите појави. Оваа Влада покажала дека се грижи, подеднакво за сите, така и ќе продолжиме“, нагласи Битиќи.

Панел - дискусијата ја отвори претседателката на Македонската платформа против сиромаштија (МППС) која порача „Справувањето со сиромаштијата е политичка одлука и секој од нас е важен во таа борба“.

TRT Balkan / агенции
Популарни