Министерот за одбрана на Сојузна Република Германија, Борис Писториус, по средбата со косовската претседателка, Вјоса Османи, изјави дека е упатено барање за деескалација на ситуацијата и продолжување на дијалогот меѓу Косово и Србија.
Писториус на заедничката прес-конференција со Османи побара од Косово да ја деескалира ситуацијата и да го реши проблемот со дијалог, бидејќи како што рече, кревањето тензии не е во ничиј интерес.
„Што се однесува до односите меѓу Србија и Косово, барањето е деескалација. Сојузниот канцелар посочи дека иднината на Западен Балкан е во Европа, но за тоа е потребен дијалог како услов и никој не смее и не може да има интерес дополнително да ја загрозува ситуацијата. Затоа, имајќи ги предвид актуелните тензии со Србија и српското малцинство во Косово, упатуваме јасен повик за зрелост и претпазливост“, нагласи Писториус.
Германскиот министер рече дека ја разбира нетрпеливоста на Косово, но дека во однос на регулативата за еврото како единствена валута, подобро е да им се даде на граѓаните рок подолг од еден месец за да се регулира прашањето.
Тој рече дека Косово има право да ги применува сопствените закони, но деескалација се прави и со административни мерки како што е воспоставувањето на еврото како единствена валута. Сепак, според Писториус, потребна е поадекватна комуникација и информации за никој да не се плаши. Тој додаде дека тоа се безбедносни гаранции.
Писториус посочи дека е неопходно спроведување на Охридскиот договор и напредок во односите меѓу Косово и Србија. Тој изјави и дека сите шест земји од Западен Балкан треба да бидат во ЕУ, но на Косово му е тешко што пет земји од Европската унија не го признаат Косово. Како што рече, Германија е еден од најголемите поддржувачи на Косово, а КФОР останува гарант за мирот и стабилноста на Косово. Тој рече дека НАТО напролет ќе донесе ново засилување.
Османи рече дека Србија не е казнета иако е докажано дека стои зад терористичкиот напад и агресијата на 24 септември во Бањска и дека наместо да ги гони терористите, продолжува да ги охрабрува да го дестабилизираат Косово и регионот. Османи посочи дека на Косово поради ова му е потребна поддршката од Германија.
„Одлуката за зголемување на германските воени трупи е јасен одраз на поддршката за нашиот народ, но во исто време и поддршка на нашите заеднички напори за мир, стабилност и долгорочна безбедност во нашиот регион“, нагласи Османи.
Османи рече дека поддршката на Германија за косовските безбедносни сили е вредна и значајна. Таа посочи дека Косово е доверлив партнер на Германија и НАТО и оти Косово останува посветено да ја обучува својата армија според највисоките стандарди. Таа рече дека сега е време Косово да им се придружи на своите партнери како членка на НАТО, почнувајќи од Партнерството за мир, што позитивно ќе влијае на стабилноста и мирот на целиот Западен Балкан.
Османи рече дека паралелните институции на Србија во Косово одамна требало да бидат укинати, но дека Белгард не ги укинал туку ги зајакнал.
Таа го повтори ставот дека е потребна соработка на Косово со сојузниците, како и дека граѓаните треба да бидат информирани за новата Регулатива на Централната банка на Косово.
Писториус се сретна и со косовскиот премиер Албин Курти, а предвидена е средба и со косовскиот министер за одбрана Ејуп Маќедончи.