Премиерот на Албанија, Еди Рама, ја повика евроатлантската заедница да свика вонредна мировна конференција за да се спречи понатамошна ескалација на ситуацијата во Косово и да се сочува мирот во регионот.
„Трагедијата на загуба на животот на службеникот на косовската полиција е досега најголемото ѕвоно за узбуна од континуираниот ризик долготрајната криза да ескалира во вооружен судир. Злосторниците кои го одзедоа животот на недолжен човек, кој служел во државна униформа на силите за спроведување на законот во Република Косово, мораат да бидат изведени пред лицето на правдата“, рече Рама во објавата на социјалната мрежа Х, по информациите за убиството на припадникот на Полицијата на Косово во селото Бањска, во општина Звечан.
Рама додаде дека „евроатлантската заедница мора да ја собере сета своја импозантна моќ и на масата за дијалог за нормализација, да ги седне Косово и Србија.“
„Свикување на вонредна мировна конференција, под надзор и гаранции на Европската унија и САД, и истовремено преземање на сите вонредни мерки со КФОР, за да се спречи понатамошна ескалација на ситуацијата. Ова е стратешки неопходно, не само заради редот и безбедноста на Косово денес, туку и за утрешниот мир и иднината на регионот, пред продолжената криза во северниот дел на Косово да се оттргне од контрола и да прерасне во дестабилизирачки пожар за целиот регион“, порача Рама.