Властите во Германија со помош на Европол го прекинаа досега најголемиот ланец на измами преку кол центри лоцирани во земјите од Западен Балкан и Либан, соопштено е во четвртокот.
„Истражните органи во Баден-Виртемберг успеаја да го откријат најголемиот случај на измама во кол-центрите во Европа досега“, изјави министерот за внатрешни работи на Баден-Виртемберг, Томас Штробл.
Според неговите информации, германските истражни органи со помош на Европол и локалните полициски сили на 18 април извршиле претреси во дванаесет кол центри во Србија, Босна и Херцеговина, Косово и Либан и уапсиле 39 лица.
Како што е соопштено, вработените во центарот за повици им се јавувале на луѓе во Германија кои се претставувале како членови на семејството, членови на владини служби или финансиски центри и изнудувале пари од жртвите користејќи различни методи.
Криминалците барале пари од жртвите под изговор дека ќе извлечат роднина од неволја или се заканувале со казни за наводните прекршоци што ги направиле жртвите.
Измамите биле откриени откако вработен во банка забележал дека клиент сака да префрли 100.000 евра на непозната сметка во странство.
Од декември досега истражителите снимиле над еден милион повици, а измама е извршена во 6.000 случаи, со штета од над 10 милиони евра.
„Овие криминални дела се особено гнасни и безмилосни бидејќи се поигруваат со стравовите и тешкотиите на луѓето“, рече Штробл и најави дека властите ќе дејствуваат против сторителите „со сите средства“ со кои располага владеењето на правото.
Во Германија редовно се откриваат случаи на измами преку телефон, каде жртви се претежно постари лица или лица со мигрантско потекло.
Од МВР на Србија потврдија дека учествувале во акцијата при што биле извршени претреси на станови и други простории на две локации во Ниш и 9 на територијата на Нови Пазар, каде се пронајдени доказни предмети.
Пред обвинителот на Специјалното јавно обвинителство за високотехнолошки криминал за кривично дело здружување заради сторено кривично дело и измама, пријавени се 13 лица, додека на едно лице му е одредена мерка притвор во траење до 48 часа, по што судот изрече забрана за напуштање стан.