Македонскиот ајвар: Најдобра закуска во светот за 2023 година / Photo: AA Archive

Македонскиот ајвар е најдобрата закуска во светот за 2023 година. Познат во јавноста и како „македонскиот кавијар“, традиционалниот ајвар се најде на првото место во делот на најдобрите закуски во светот за 2023 година, според класификацијата на TasteAtlas Awards - енциклопедија на вкусови, светски атлас на традиционални јадења, локални состојки и автентични ресторани.

Оваа информација на социјални мрежи ја сподели и македонскиот министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски. Традиционален вкус

Во објавата на Фејсбук, министерот Николовски напиша дека ваквите вести го прават среќен и потсети дека се поддржуваат малите производители со грантови до 10.000 евра за набавка на опрема за модернизација, афирмација и промоција на нивното производство.

„Овој традиционален вкус од пиперки и модар патлиџан е еден од најпопуларните закуски низ целиот Балкан и Источна Европа. Најценетиот вид ајвар често е македонскиот, кој се прави само со црвени пиперки“, напиша Николовски. Вредноста на македонскот извоз на ајвар во странство во 2020 година достигна речиси 30 милиони евра.

Заштита на ајварот

По распадот на Југославија, балканските земји започнаа да ги заштитуваат како брендови специјалитетите од овие простори, со што дојде на ред и ајварот. Во деведесеттите, Словенија се обиде како свој да го заштити ајварот, а во 2012 година лесковачкиот домашен ајвар доби меѓународен сертификат од Светската трговска организација за интелектуална сопственост.

Преку Државниот завод за индустриска сопственост на Република Северна Македонија, како и преку Министерството за земјоделство можат да се заштитуваат домашните прехранбени и земјоделски производи според географското потекло. Согласно постапката, македонскиот ајвар според ознаката на потеклото е заштитен во 2008 година во Република Северна Македонија, а на меѓународно ниво во 2010 година, според Лисабонскиот договор, чиј потписник е и Северна Македонија.

Етимологија на зборот ајвар

Називот ајвар (ajvar) доаѓа од турскиот збор „havyar“, што значи солена икра и ја дели етимологијата со кавијарот. Домашниот ајвар бил многу популарно јадење во регионот, според кажувањата на експертите за гастрономско наследство. Постојат наводи дека прва забележана употреба на ајварот била во некој ресторан во Белград во 19 век, чии сопственици биле од Македонија. Се верува дека ајварот најверојатно стигнал на Балканот во време на Османлиите.

TRT Balkan
Популарни