Зошто се ограничува и се забранува возењето на е-тротинетите?     Фото: TRT Balkan

Популарни, економични, практични. Ова се трите карактеристики кои најчесто се првата асоцијација за електричните тротинети (е-тротинети) кои во последните години се присутни насекаде.

Особено, трендот на користењето на ова електрично превозно средство на две тркала во последната година доби на атрактивност, меѓу другото и поради енергетската криза која предизвика зголемување на цените на горивата, но и поради инфлацијата, која ја намали куповната моќ на граѓаните. Од друга страна, електричните тротинети во многу земји не се законски регулрирани.

Заради поголема безбедност во сообраќајот некои балкански градови веќе воведоа забрани за електричните тротинети или пак го ограничија нивното движење.

Приштина: Електричните тротинети надвор од шеталиштата

Таков е случајот со косовскиот главен град Приштина. Од 15 август 2022 година на сите плоштади и јавни простори во Приштина, каде има голема фреквенција на пешаци, забрането е движење со електрични тротинети. Оваа одлука ја донесоа градските власти на Приштина, кои информира дека освен електричните тротинети, забрането е возење на велосипеди.

Колку што се зголемуваше употребата на електричните тротинети во Приштина, особено на плоштадите и местата во градот во кои има голема фреквенција на луѓе, се зголемуваше и бројот на граѓани, возачи и пешаци, кои имаа поплаки за небезбедното возење на електричните тротинети на јавните места. Во претходните месеци, косовската полиција во Приштина спроведе акција во која беа казнети неколку велосипедисти и граѓани кои возеа електричен тротинет, поради непочитување на прописите.

Краљево: Прв град во Србија кој воведе забрана за тротинети

Сѐ почестата и масовна употреба на електричните тротинети во секојдневието на улиците на српскиот град Краљево, воглавно во пешачките зони, доведе до одлука на градските власти парично да го казнува секое возење на електричните тротинети во делови во кои се движат исклучиво пешаци.

Со оваа одлука донесена во септември 2020 година, Краљево стана првиот град во Србија кој воведе забрана за возење на електричните тротинети, а паричните казни за прекршоците надминуваат 630 евра (75.000 српски динари). Одлуката која ја донесоа градските власти исклучи возење на тротинети од сите пешачки зони. Возењето е дозволено само во деловите каде е регулриран сообраќајот и каде поминуваат велосипедисти и возилата.

Од Општина Краљево образложија дека имало сугестии и реакции во јавноста поради возењето на е-тротинетите на места во кои има поголема фреквенција на луѓе, што ја доведува во прашање безбедноста на граѓаните.

Градските власти во Краљево информираа дека комуналната полиција делувала превентивно и предвидените високи парични казни вродиле со плод.

Е-тротинетите забранети во вечерните часови во Тиват

Во црногорскиот приморски град Тиват, од септември 2019 година, забрането е возење велосипеди и електрични тротинети, меѓу 19 и 23 часот, на градскиот плоштад и шеталиштата.

„Наведената мерка се спроведува поради зголемениот број на корисниците на горенаведените превозни средства на шеталиштето, кои се движат со голема брзина и со тоа ја загрозуваат безбедноста на пешаците, а особено предизвикуваат опасност за деца“, образложија тогаш од Општина Тиват.

Меѓутоа, безбедноста, не е единственото прашање во поглед на влијанието на електричните тротинети врз сообраќајот и луѓето. Се повеќе се преиспитуваат и поради последици врз животната средина.

Последици врз животната средина

Иако моделите за изнајмување или купување електрични тротинети имаат за цел користење на превозни средства кои не емитуваат штетни гасови во текот на употребата, процесот на нивното производство, транспорт и одржување доведува до емисија на стакленички гасови чија концентрација се зголемува доколку тротинетите имаат краток век на траење.

Повеќето од тротинетите за изнајмување мора редовно да се соберат, наполнат и да се прераспределат, често со помош на оперативно возило кое оди на фосилни горива.

Студија од 2019 година која ја спровеле истражувачи од Државниот универзитет во Северна Каролина, која во предвид ја зема емисијата на штетните гасови настаната со правење и преместување на електричните тротинети, сугерира дека тие обично произведуват повеќе емисии по патник по километар отколку стандарден автобус полн со патници, електричен мопед, електричен велосипед или обичен велосипед.

TRT Balkan
Популарни