Колку издвоените пари за воени трошоци на земјите од Балканот се во согласност со стандардите на НАТО? Кои од балканските држави го исполнуваат договорот од јули годинава според кој сојузниците во Алијансата за воени трошоци годишно треба да издвојуваат најмалку по два процеnти од националниот БДП. И каков е соодносот со останатите членки на НАТО?
Податоците објавени на интернет страницата на НАТО покажуваат дека само 11 од 31 земја членка го исполниле дури и договорот од 2014 година кој предвидуваше воени трошоци до два проценти од БДП. Еве како според овој критериум се позиционирани Северна Македонија, Албанија, Црна Гора, Хрватска, Словенија, Бугарија и Грција.
Северна Македонија со најголем издаток за девет години
Северна Македонија годинава е блиску до минимумот трошоци за одбраната според НАТО стандардите. Државата издвојува 1,87 проценти од БДП за одбраната. Тоа е најголем процент во изминатите девет години од 2014 до 2023. Се работи за сума од 294 милиони долари. Најмал бил издатокот во 2017 година 0,89 проценти. Во 2020 кога Северна Македонија стана членка на НАТО за одбраната издвоила 1,24 проценти од БДП.
Албанија издвојува 1,76 проценти од БДП
Албанија е членка на НАТО од 2009 година. 14 години по членството издвојувањето за одбраната на Албанија е 1,76 проценти од БДП на државата. Тоа е најголем издаток од БДП на Албанија за одбраната од 2014 до 2023. Изнесува 371 милион долари. Најмало било издвојувањето во 2016 година кога изнесувало само 1,10 проценти од БДП.
Црна Гора со ист процент како Северна Македонија
Црна Гора издвојува ист процент за потребите за одбраната како и Северна Македонија односно 1,87 отсто. Или според БДП на Црна Гора се работи за 131 милион долари. Во изминатите девет години најмал издаток Црна Гора издвоила во 2019 година односно 1,33 проценти.
Хрватска на 0,2 проценти до договорот на Алијансата
И Хрватска стана дел од Алијансата во 2009. Издвојувањето на Хрватска е за 0,03 проценти поголемо од она на Албанија, односно 1,79 проценти од бруто домашниот производ. Во 2015 година Хрватска издвоила 1,55 отсто од БДП што е најмал процент во последниве девет години.
Словенија издвојувала и помалку од еден процент
Издвојувањето во Словенија изнесува 1,35 проценти од словенечкиот БДП, а изминатите години во повеќе наврати Словенците издвојувале помалку од еден процент.
Бугарија во 2019 била над просекот
Според податоците објавени на интернет страницата на НАТО издвојувањата на Бугарија 1,84 проценти од БДП. Но во 2019 Бугарија го надминала НАТО просекот и издвоила 3,13 отсто од БДП за трошоци за одбраната.
Грција меѓу 11 држави со најголеми издатоци за одбрана
Грција сега е во категоријата најголеми финансиери на одбраната меѓу земјите членки на НАТО. И меѓу оние 11 земји кои го исполнуваат договорот за одвојување минимум два проценти од бруто домашниот производ, Грците годинава издвојуваат 3,01 проценти, а минатата година потрошиле 3,86 проценти од БДП. Во оваа група спаѓаат и Естонија, Финска, Грција, Унгарија, Летонија, Литванија, Полска, Романија, Словачка, Велика Британија, САД.