Кампањата која успешно се спроведува од 1991 година, повикува на финансирање различни превентивни стратегии и трансформација на општествените норми за да се стави крај на насилството врз жените и девојчињата / Photo: TRT Balkan

Глобалната кампања „16 дена активизам против родово базирано насилство врз жените“ започна на 25 ноември и ќе трае до 10 декември.

Темата на годинешната кампања гласи: „Да се обединиме! Да се вложиме заедно и да го спречиме насилството врз жените и девојчињата!“

Со користење на слоганот и хаштаг #NoExcuse/НемаИзговор, кампањата повикува на финансирање различни превентивни стратегии и трансформација на општествените норми за да се стави крај на насилството врз жените и девојчињата.

Кампањата која била започната од активисти во 1991 година, денес успешно се реализира речиси во сите држави низ светот.

И на Балканот оваа акција се користи како стратегија за организирање на различни активности со цел да се намали насилството врз жените и девојките и да се зголеми свеста за негово спречување.

Па така, во Северна Македонија годинешната кампања беше отворена со театарската претстава „Работи за кои не зборуваме“, а во наредните денови ширум земјата предвидено е да се организираат и панел дискусии, презентации, изложби, обуки и трибини.

Србија и оваа година акцијата ја започна со конференцијата „Замислете живот без насилство врз жените и девојките“, а во следните неколку денови се очекува да биде отворена и изложбата „ЖЕНИ – европска женска меморија“.

Во Нови Сад, кампањата беше отворена со автономниот фестивал на жените, кој оваа година стави фокус на темата „Медиумите и насилството врз жените“.

Во Хрватска кампањата ќе се спроведе преку акцијата „Безбедност и доверба за жените“ во 16 градови и населени места низ цела Хрватска преку која жените ќе побараат од државата да преземе одговорност и конкретни чекори за заштита на жените од насилство.

Босна и Херцеговина годинава кампањата ја започна со изведбата на претставата „Перзеида“, која се осврнува на насилството врз жените и патријархатот во кој сè уште живеат модерните жени. Наредните денови ќе бидат исполнети со разни активности, јавни настани, изложби и промоции на теми поврзани со насилството врз жените и девојките.

Во Албанија пак, сите институции на централно и локално ниво, како и невладините и граѓанските организации, ќе организираат активности, состаноци, трибини и разговори, изложби и маршеви со цел заштита на правата на жените и девојките, како и спречување на родово заснованото насилство и семејното насилство.

Инаку, според податоците на ОН повеќе од 736 милиони жени во светот или речиси една од три жени биле изложени на: физичко и/или сексуално насилство од партнер и физичко и/или сексуално насилство од некој друг.

Ваквите податоци потврдуваат дека насилството врз жени и девојки се уште е во подем.

TRT Balkan
Популарни