Дваесет дена пред Годишниот министерски совет на Организацијата за безбедност и соработка на Европа (ОБСЕ) во Скопје, се уште нема консензус меѓу нејзините учеснички за егзистенцијални прашања на Организацијата.
Министерот за надворешни работи и претседавач со ОБСЕ, Бујар Османи, очекува тие одлуки за иднината на ОБСЕ да бидат донесени токму на конференцијата во Скопје од 29 ноември до 1 декември.
Османи истакна дека педесет години ОБСЕ е успешна платформа што обезбедува мир и има постигнато исклучителни успеси во одржување на мирот, но дека агресијата врз Украина предизвикала егзистенцијална криза на ОБСЕ зашто, рече, довербата на земјите учеснички e на историски ниско ниво.
„Одлуките што во ОБСЕ се носат само со консензус, не можат да се донесат, не само во делот на политиките, туку и во однос а основните функции на Организацијата. Првпат се соочуваме да нема претседавач за 2024 година, иако за 2025 веќе е утврден претседавачот – Финска. Исто така, на 4 декември истекува мандатот на четворицата извршни лидери на ОБСЕ, како и прашањето на буџетот кој не е одобрен од 2021 година. ОБСЕ не е само платформа на дијалог, туку има и 13 теренски операции кои се во конфликтни подрачја...“, рече Османи.
Дваесет дена пред конференцијата се уште нема консензус по основ на овие егзистенцијални прашања на ОБСЕ.
„Најверојатно одлуката за иднината на ОБСЕ ќе се донесе во Скопје, токму во оваа сала каде што министрите ќе бидат седнати овде. Ова ја надминува и самата Организација зашто не постои никаква комуникација и дијалог меѓу, сега, завојувани страни. Ова ќе биде можност да се седне на маса и Скопје да биде центар на светот, каде министрите на најголемите држави во светот имаат можност во текот на тие три дена, покрај учеството на самата конференција, и билатерално да се сретнат и да комуницираат за прашања што го засегаат регионот на ОБСЕ, рече шефот на дипломатијата.
До 29 ноември, додаде Османи, „ќе направиме се што е во наша моќ за да успееме да ги обезбедиме барем основните функции на Организацијата“.
Во однос на плановите за претседавањето со ОБСЕ во 2024, за што има поделеност меѓу земјите во Организацијата, Османи рече дека работат на неколку сценарија – првото е да биде Естонија како единствен кандидат. Бидејќи таа не е поддржана од една земја, тој разговарал со речиси сите министри за надворешни работи барајќи алтернативно решение.
„И уште работам на тоа. Се надевам дека ќе успееме во наредните денови да најдеме земја која може да добие консензус од сите 57 земји. Ако се исцрпи и таа варијанта, да не можеме да обезбедиме, тогаш Северна Македонија, и покрај сите потешкотии, нема да дозволи Организацијата да остане без претседавач. Меѓутоа, до последната минута до завршување на нашето претседавање, јас ќе работам да најдеме. Веќе сум на добар пат, но прерано е да кажувам имиња, треба дополнителни консултации со земји учеснички дали е опцијата прифатлива,“ рече Османи.
Во однос на учествотои на Русија, рече дека од МНР на Русија добил писмено известување со интерес за присуство, но дека „предизвик“ е тоа што воздушниот простор на државава е затворен за државни авиони од Русија, како и кај нашите соседни земји.
„Тука ќе треба да се направат логистички напори да се обезбеди. По правило, сите земји учеснички треба да учествуваат на Министерскиот совет на ОБСЕ, но дали конкретни личности, сепак ќе зависи од одредени одлуки што ќе треба да се донесат во текот на наредните денови. Се надевам дека ќе успееме сите да бидеме во Скопје“, рече Османи.
Додаде дека Руската Федерација ќе има свои претставници на министерскиот совет и дека очекува „Руската Федерација да покаже знаци на компромис и соработка со цел да го олесни процесот на обезбедување целосно присуство на нивната делегација“.