Гервала истакна дека заедно со министерот Османи ја констатирале одличната соработка меѓу Косово и Северна Македонија     Фото: АА

Косовските институции да се потпрат на ОБСЕ како клучен извор во дизајнирањето и спроведувањето на реформите, рече министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи и актуелен претседавач со Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) на средбата со министерката за надворешни работи и дијаспора на Косово, Доника Гервала во Приштина.

Министерката Гервала во своето обраќање по средбата со министерот Османи рече дека ОБСЕ денес прави восхитувачка работа во адресирање на различни теми што помагаат за подемократско Косово.

Гервала истакна дека заедно со министерот Османи ја констатирале одличната соработка меѓу Косово и Северна Македонија и потребата од продолжување на оваа соработка меѓу двете соседни земји.

„Се согласивме дека двете влади треба да работат уште повеќе не само на имплементацијата на договорите што ги имаме до денес туку особено на изнаоѓање други начини на соработка меѓу нашите две соседни земји што, преку многу добрите односи што ги имаат, докажуваат дека Западен Балкан не треба да биде регион на конфликти, туку регион на соседи што соработуваат на сериозна основа на меѓусебно почитување и на тој начин даваат извонредни резултати“, додаде Гервала.

Од друга страна, министерот за надворешни работи на Северна Македонија, воедно и претседавач со ОБСЕ, Османи, нагласи дека со министерката Гервала се договориле за инвестирање во добрососедството, конкретно инвестиции во регионот за иднината.

Тој, во својство на актуелен претседавач со ОБСЕ, ги цени партнерството и добрите односи со институциите на Косово веќе 20 години, нагласувајќи дека целта на неговата посета е да ги поттикне косовските институции да се потпрат на ОБСЕ како клучен извор во дизајнирањето и спроведувањето на реформите.

Османи истакна дека ОБСЕ, косовските институции и заедниците постигнале значаен заеднички напредок во промовирањето на функционални, демократски институции за човекови права и владеењето на правото.

„Важно е да се намалат тензиите на теренот во северниот дел на Косово за да му се даде простор на процесот на политички дијалог под покровителство на ЕУ. ОБСЕ е подготвен да го поддржи спроведувањето на договорите постигнати во рамките на дијалогот. Оваа посета ни обезбедува јасен преглед на мисијата на ОБСЕ во Косово. Постојат многу позитивни достигнувања на мисијата во областа на човековите права, демократизацијата и јавната безбедност“, додаде Османи.

Во рамките на посетата на Косово, Османи ќе се сретне и со претседателката на Косово, Вјоса Османи, како и со косовскиот премиер Албин Курти.

AA
Популарни