Цената на топлинската енергија за дел од домаќинствата во градот Скопје од 1 февруари е зголемена за 5,03 отсто, информираше на денешната прес-конференција претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимоски.
Поскапувањето е резултат на барањето на трите фирми-ќерки на АД ЕСМ, кои доставиле зголемени трошоци што ги имаат поради поскапиот природен гас на светските берзи и намаленото производство на ТЕ-ТО, кое наместо 60 отсто учествувало со 51 отсто во производството на топлинска енергија.
„Ова доаѓа како резултат на порастот на цената на природниот гас, на светските берзи за 16 проценти во последниот квартал од 2024 година. Зголемувањето ќе продолжи во јануари и во февруари. Сметките на корисниците незначително ќе се зголемат, така што оние домаќинства што досега плаќале за парно 2.100 денари, од 1 февруари, од кога ќе стартува новата цена, ќе добиваат сметка од 2.200 денари, односно покачувањето е 100 денари, рече Бислимоски.
Оваа цена се однесува за корисниците на топлинска енергија од топланите „Исток“ и „Запад“, но Бислимоски истакна дека во текот на февруари и топланите во Железара и во Скопје-Север ќе поднесат барање за зголемување на цената на парното во тој дел од градот.
Одлуката за овие потрошувачи ќе стапи во сила од 1 март.
Зголемувањето на цените на топлинската енергија следува откако и ЕСМ- Дистрибуција на топлина и ЕСМ – Производство на топлина поднесоа барање за зголемување на цената на парното и топлинската енергија за 13, односно за 20 отсто, оправдувајќи го ваквото барање со зголемените трошоци за набавка на гориво.