Приватните превозници во Скопје блокираа една од најфреквентните крстосници / Photo: AA

Двете компании кои ги претставуваат приватните превозници во Скопје, „Слобода превоз“ и „Макеспрес“, го радикализираа својот штрајк со блокада на една од најфреквентните крстосници во главниот град, со што значително го отежнаа сообраќајот.

Почнувајќи од 7 часот наутро, околу 30 автобуси и стотина вработени од двете компании ја блокираа крстосницата кај „Мавровка“, раскрсницата на булеварот „Гоце Делчев“ и булеварот „Крсте Петков Мисирков“.

Кемал Муриќ, претставник на „Слобода превоз“, изјави дека блокадата доаѓа како последица од долгот кој што не го плаќа Јавното сообраќајно претпријатие на Град Скопје.

„Овде сме собрани ние приватните превозници, ја блокиравме раскрсницата „Мавровка“ како последица од долгот што Јавното сообраќајно претпријатие не ни го плаќа и со тоа нѐ доведе во состојба да не можеме да им однесеме храна дома на нашите семејствата", рече Муриќ.

Тој упати повик за разбирање до граѓаните на Скопје и за целата ситуација ја обвини градоначалничката Данела Арсовска.

Муриќ ги повика институциите, вклучително премиерот Димитар Ковачевски и претседателот Стево Пендаровски, да интервенираат со мерките кои им стојат на располагање. Тој упати повик да и се одземаат ингеренциите на градоначалничката.

Исен Халили, претставник на „Макеспрес“, изјави дека нередовното плаќање и наталожениот долг трае речиси една година, со што не се во можност да продолжат со работа.

Тој истакна дека и претходно протестирале во други форми, но досега тоа не придонело за постигнување решение.

„Со блокадата што ја почнавме денеска, ќе продолжиме до крај, додека не се реши проблемот. Жалам што на овој начин, сега сме тука во блокада, бидејќи денес е празник, Ден на албанското знаме“, рече Исен Халили.

Претставниците на компаниите рекоа дека можно е поради одржување на манифестации по повод Денот на албанското знаме да се прекине блокадата на раскрсницата, но додадоа дека ќе продолжат со блокадата доколку не се изнајде решение.

TRT Balkan / агенции
Популарни