Продолжуваат протестите на граѓаните кои бараат отфрлање на францускиот предлог     Фото: АА

Продолжуваат протестите на граѓаните кои бараат отфрлање на францускиот предлог за решавање на спорот помеѓу Северна Македонија и Бугарија како услов за почеток на преговорите на Северна Македонија со Европската Унија (ЕУ).

Со мотото „Ултиматум - не благодарам“ демонстрантите синоќа протестот го започнаa пред Владата на Северна Македонија, а потоа продолжија да се движат по претходната рута, односно се упатија кон зградата на Министерството за надворешни работи, а оттаму продолжија кон Собранието на РСМ.

Според известувањето од Собранието на РСМ седницата на која пратениците треба да расправаат за францускиот предлог за преговарачката рамка за земјата со Европската Унија ќе се одржи утре (четврток) во 13.30 часот. Обраќање пред пратениците во Собранието ќе одржи претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, истакна дека секој гостин е добредојден, но се надева дека претседателката на Европската комисија, Фон дер Лајен ‘ќе биде доблесна и ќе ги слушне и мислењата на пратениците коишто доаѓаат од ВМРО-ДПМНЕ’.

„[Се надевам] Нема да остане само да се обрати туку ќе остане малку повеќе за да ги слушне нашите аргументи затоа што тоа е суштината, секој е добредојден, сакаме да слушнеме што мислат, но сакаме и да нè слушнат што мислиме, тоа е демократијата и тоа се вистинските европски вредности“, изјави Мицкоски.

Протестите поминаа без инциденти, а демонстрантите порачаа дека ќе продолжат со протести во наредните денови.

На 30 јуни до Владата на Република Северна Македонија, од француското Претседателство пристигна модификуван предлог, по што започна консултативен процес најпрво во Владата и коалициските партнери, а потоа и со претседателот на државата, со Парламентот и со опозицијата, како и со граѓанскиот сектор.

Во изминатите денови, лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, истакна дека актуелниот француски предлог за решавање на спорот со Бугарија е ист како претходниот и според него ги содржи „сите бугарски барања во делот на јазикот, историјата и идентитетот“.

Премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, изјави дека модификуваниот предлог ги инкорпорира забелешките и јасно изградените ставови на македонската страна, предвидува јасно и недвосмислено прифаќање на македонскиот јазик како и тоа протоколот со Бугарија да не биде дел од преговарачката рамка.

Францускиот претседател Емануел Макрон, чие претседателство го изготви предлогот, смета дека со предлогот е пронајдено компромисно решение за двете страни.

Францускиот предлог е документ кој треба да доведе отстранување на двегодишното вето од страна на Бугарија за интеграција на Северна Македонија во ЕУ.

AA
Популарни