Хрватска е последната земја членка на Шенген зоната. Словенија повторно воспостави гранични контроли на границата кон Хрватска поради страв од зголемена закана од тероризам во Европа / Photo: Reuters

Осум години по најголемата мигрантска криза Шенгенската зона е пред најголемиот тест. Системот на преминување од една во друга држава без пасоши и гранични контроли е под притисок откако дел од државите потписнички на Шенгенскиот договор се одлучија повторно да воспостават привремен механизам на гранична контрола.

Како главна причина тие го наведуваат стравот од можни нови мигрантски бранови, тероризам и развојот на настаните во судирот меѓу Израел и Палестина.

Врзан систем на гранични контроли

Словенија е засега последната земја од листата членки на Европската унија која се реши да воведе гранични контроли. И тоа на границите со Хрватска и Унгарија. Суспендирањето на Шенгенскиот систем од страна на Словенија според најавите ќе трае десет дена.

Неофицијално граѓаните на ЕУ ќе можат непречено да минуваат на сите гранични премини, додека граѓаните од трети земји ќе можат да поминат само на 14 патни и 8 железнички премини каде ќе биде вршена проверка од полицијата.

Словенечкиот министер за внатрешни работи Боштјан Поклукар изјави дека станува збор за привремена мерка поради проценката за зголемено ниво на закана од тероризам во земјите од ЕУ.

„Гледаме што се случи во Франција и Белгија. Словенија не е исклучок. Верувам дека со тоа ја зголемуваме безбедноста на Словенија, која е на прво место. Ситуацијата на Блискиот Исток е комплицирана, мораме да направиме се што сме должни за безбедноста на Словенија”, изјави Поклукар.

Претходно Италија воведе гранични контроли со Словенија поради променетата ситуација во Европа и на блискиот Исток.

Австрија пак ја извести Европската комисија дека до мај следната година ги продолжува граничните контроли на границите со Словенија и Унгарија,а воведе контроли и на границата со Чешка.

Германија воведе контроли на границите со Полска, Чешка и Швајцарија и давоспостави нови контроли на границата со Австрија.

Полска, Чешка и Австрија ги продолжија контролите со Австрија за да спречат илегални мигранти преку Балканската рута. Контроли на границите имаат и Франција, Данска, Шведска и Норвешка.

Повторување на 2015?

Сегашната ситуација во многу потсетува на онаа од 2015 година. Тогаш Европската унија донессе одлука да ги измени одредбите од Шенген. ЕУ воведе пасошка контрола на шенгенските граници. Таа важеше и за граѓани од ЕУ.

Франција и Германија беа државите кои најсилно се залагаа за контрола на шенгенските граници поради мигрантските бранови. Во рамки на контролите на границите од мигрантите се земаше отисок од прст и проверка на идентитетот со помош на Еуропол и ФРОНТЕКС.

Држави членки на Шенген

Хрватска е последната 24 држава членка на ЕУ која стана дел од Шенген зоната. Четири европски држави кои не се дел од ЕУ, Исланд, Лихтенштајн, Норвешка и Швајцарија исто така се дел од Шенгенскиот договор. Принципите на Шенген системот важат и во Монако, Сан Марино и Ватикан иако тие не се дел од Шенгенскиот договор. Во државите од Шенгенската зона живеат над 400 милиони луѓе на површина од околу 4,4 милиони квадратни километри.

Услови за Шенген систем

Владеење на правото,борба против криминалот и корупцијата, интегрирано гранично управување и ефикасна контрола на надворешните граници во име на останатите членки, соработка на полициските сили со другите држави. Ова се дел од условите кои една членка на Европската Унија (ЕУ) треба да ги исполни за да стане дел од Шенген системот.

Државата кандидат за влез во Шенген зоната исто така треба да овозможи заштита на личните податоци и пристап до единствениот информациски систем во шенген зоната, да води соодветна мигрантска политика, да има биометриски документи, и да се придржува на принципот на враќање на лицата од трети земји со нерегулиран престој.

TRT Balkan / агенции
Популарни