Што треба да имате од зимската опрема во вашeто возило?  / Photo: TRT Balkan

Од денес, во Северна Македонија почнува да важи обврската за задолжително носење зимска опрема во возилата, која според Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, трае до 15 март наредната година. Зимската опрема е задолжителна и во земјите од регионот. Зимската опрема генерално се разликува во зависност од перформансите на возилото во поглед на масата и видот на возилото.

Што се подразбира под зимска опрема?

Според Авто-мото сојуз на Македонија (АМСМ), под зимска опрема за моторни возила со најголема дозволена маса која не надминува 3.500 килограми, се подразбира, зимски пневматици на сите тркала со минимална длабочина на шарите од четири милиметри (4 мм) или пневматици со летен профил на сите тркала со длабочина на шарите од четири милиметри и синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала или други соодветни помагала.

Зимска опрема за возила со погон на четири тркала

Зимска опрема за моторни возила со погон на четири тркала (4х4), подразбира, зимски пневматици со минимална длабочина на шарите од шест милиметри или пневматици со летен профил од најмалку четири милиметри. Синџири за снег потребно е да поседува секое возило со пневматици со летен профил, и притоа, во случај кога возилото е во постојан погон, синџири за снег треба да има најмалку за задната осовина, а во случај на преклоплив погон, синџири за снег треба да има најмалку на постојано вклучената осовина.

Зимска опрема за моторни возила со најголема дозволена маса

Зимска опрема за моторни возила со најголема дозволена маса која надминува 3.500 килограми подразбира: зимски пневматици на погонските тркала со минимална длабочината на шарите од шест милиметри или пневматици со летен профил на сите тркала со длабочина на шарите со минимум од четири милиметри и синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала или други соодветни помагала;

Автобуси и товарни моторни возила кои поради технички причини не можат да постават синџири за снег на погонските тркала, потребно е да имаат зимски пневматици на погонските тркала и прирачен алат – лопата.

Како изгледаат зимските пневматици?

Зимски пневматици се оние пневматици кои на својата бочна страна имаат ознака: „MS“, „M+S“, „M&S“ и знак на снегулка на стилизирана планина со три врва

Низ годините наназад од АМСМ постојано советуваат за ставањето на зимската опрема во возилата.

Корисни совети

Според советите од здруженијата на возачите, првиот чекор кон безбедноста е летните пневматици да се заменат со зимски. Затоа што летните се наменети за користење во топлиот период од годината и смесата од која се направени не ги менува својствата до температура од +7 степени Целзиусови, а на пониска температура од оваа, својствата на летните пневматици се губат.

Зимските пневматици се направени од друга смеса, која не ги губи својствата на ниски температури и успешно се справува со контактот кога подлогата е лизгава, водена, покриена со снег не само поради смесата од која е направена туку и до подлабоките шари (профилот) и од нивниот облик.

Според препораките, покрај зимските пневматици, за целосна зимска подготовка возачите треба да го проверат акумулаторот, потоа течноста за ладење (антифриз) и темелно да ги исчистат ветробранските стакла, како и проверка на метличките од бришачите, а ако се истрошени веднаш заменете ги.

Што се однесува до синџирите кои се дел од зимската опрема, со цел поголема сигурност, важно е возачите да научат пред да тргнат на пат да знаат како да ги наместат на пневматиците, доколку тоа биде потребно.

Соодветно подготвен автомобил за зимски услови и прилагодување на брзината според условите на патот се двете основни нешта за безбедно да стигнете до посакуваното одредиште.

TRT Balkan
Популарни