Косовската полиција соопшти дека граничниот премин „Мердаре“ меѓу Косово со Србија е отворен за сообраќај.
Полицијата соопшти дека е отстранета барикадата која беше поставена на српската страна, во близина на граничниот премин „Мердаре“.
„Врз основа на последните информации, патот кој беше блокиран на 27.12.2022 година на два километри во Србија, денеска во 09:50 часот е ослободен за сообраќај“, соопштија од полицијата.
Граничната точка предизвика сообраќаен метеж, особено за жителите на Косово кои живеат во различни земји на Европската Унија (ЕУ) и кои заминаа за Косово да ги поминат последните денови од годината со своите семејства.
Полицијата нагласи дека граничниот премин е вратен во целосна нормала.
Денеска се очекува да бидат отстранети и останатите барикади поставени на територијата на Косово од 10 декември.
Одлуката за отстранување на барикадите од патиштата е донесена по разговорите меѓу претставниците на косовските Срби и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, одржани синоќа во Рашка, српски град недалеку од границата со Косово.
Условите за отстранување на барикадите се создадени откако вчера Основниот суд во Приштина на барање на Специјалното обвинителство на Косово му ја замени мерката притвор во куќен притвор на поранешниот полицаец на Косовската полиција, Дејан Пантиќ, поради здравствени причини.