Главните градови на Северна Македонија и на Босна и Херцеговина, Скопје и Сараево, се меѓу најзагадените градови во светот, покажуваат податоците објавени на специјализираната интернет страница IQAir.
На листата на градови со најзагаден воздух во светот, Скопје денес се наоѓа на седмото место со индекс на загаденост од 156. Сараево се наоѓа на деветтото место во светот со индекс на загаденост од 155.Меѓу другите градови во регионот со најзагден воздух е и главниот град на Србија, Белград, кој според актуелните подаотци на IQAir се наоѓа на 14-то место со индекс на загаденост од 151.
Моментално најзагаден град на светот е пакистанскиот Карачи (185), а потоа следуваат Делхи во Индија (179), Ханој, главниот град на Виетнам (177), индискиот Мумбај (165) и кинескиот град Шенјанг со индекст на загаденост од 161.
Швајцарската интернет страница има повеќе од 10.000 мерни станици и го прикажува квалитетот на воздухот ширум светот.
Кои се најголемите извори на загадување во Скопје?
Скопје редовно е на топ листата на градови со најзагаден воздух во светот. На оваа неславна позиција на градови со најзагаден воздух на светско ниво, Скопје се наоѓа со децении наназад, а статистиката на Институтот за јавно здравје бележи дека загадувањето е причина за секоја четврта смрт во Скопје.
Согорување на биомасата, минералната прашина од градежните активности и користењето на автомобилите се трите најголеми извори на загадување на амбиенталниот воздух во Скопје, покажува студијата на Универзитетот „Гоце Делчев“ насловена „Студијата за пропорционирање на загадувачите во Скопје“, а изработена во проектот „Справување со загадувањето на воздухот во градот Скопје“. Резултатите од студијата презентирани се во март месец оваа година.
Според резултатите, согорувањето на биомасата е најголемиот извор на загадување во зимските месеци, а палењето огнови на отворено се причина за загаден воздух најмногу во пролет и лето. Сообраќајот, индустријата и согорувањето на нафта и мазут се извор на загадување во текот на целата година. Минералната прашина како последица од градежните работи што обично интензивно се изведуваат во текот на летните месеци е најприсутен извор на загадување во тој период на годината, покажува студијата.