Протест во знак на поддршка за Палестина и палестинскиот народ се одржа во Скопје.
Десетици граѓани од различни етнички групи кои живеат во земјава учествуваа на протестот организиран од група граѓани пред зградата на Владата.
Демонстрантите го критикуваа „воздржаното“ гласање на Северна Македонија за нацрт-резолуцијата за „непосреден, постојан и траен хуманитарен прекин на огнот“ во Газа на Генералното собрание на Обединетите нации на 27. октомври, опишувајќи го како срамно и нехумано.
„Војната во Палестина мора да заврши. Прекинот на огнот не смее да биде доволен, туку мора да се најде трајно решение кое ќе биде од корист не само за Палестинците, туку и за израелскиот народ“, изјави активистот Здравко Савески.
Демонстрантите извикуваа слогани како „Слобода за Палестина“, „Израел е терорист“, „Стоп за насилството“, „Стоп за војната“, „Убијци“, „Крај на апартхејдот“.
Покрај тоа, демонстрантите носеа транспаренти на кои на македонски, албански и на англиски јазик пишуваше „Слобода за Палестина“, „Стоп за убијците на бебиња“, „После Сребреница, рековте никогаш повеќе. Срам за светот“, „Стоп за геноцидот“, „Итен прекин на огнот“.
Во рамките на протестот, на учесниците преку звучници им беа пуштени песни за мир на арапски и хебрејски јазик, а беа рецитирани и песни за Палестина.
Протестот на кој безбедносни мерки презедоа мал број полицајци, заврши без инциденти.