Претседателот на МАТТО, Адемоски им се заблагодари на сите што прифатија да ја споделат ифтарската вечера заедно во еден дух на братство и заедништво / Photo: AA

Стопанската комора Македонија - Туркије (МАТТО) синоќа приреди традиционална ифтарска вечера во Скопје.

На вечерата присуствуваа амбасадорот на Туркије во Скопје, Фатих Улусој, владина делегација предводена од премиерот на Северна Македонија, Талат Џафери, пратеници, претставници на судската и локалната власт, амбасадори, бизнисмени и други гости.

Во своето обраќање по ифтарската вечера амбасадорот Улусој, кој наедно е и почесен претседател на МАТТО, ги поздрави присутните и ѝ се заблагодари на МАТТО за организираната ифтарска вечера.

„Ми причинува голема гордост можноста да бидам заедно со вас, драги пријатели, во Скопје, главниот град на братската и пријателска земја Северна Македонија, позиционирана во срцето на Балканот. Најпрвин би сакал да ви ги пренесам најсрдечните поздрави на почитуваниот претседател, господин Реџеп Таип Ердоган“, рече амбасадорот Улусој.

Тој потсети дека помеѓу Туркије и Северна Македонија постојат многу блиски односи, додавајќи дека иако двете земји не се граничат со заедничка граница, Туркије ја смета Северна Македонија за своја соседна земја.

Амбасадорот Улусој нагласи дека Северна Македонија, од аспект на соживот на разни етникуми и култури во заедничка почит и доверба, претставува многу ценет пример, како за Балканот, така и за другите региони во светот.

„Турците кои со векови живеат во Северна Македонија и нашите државјани во минатото иселени од Северна Македонија во Туркије, имаат исклучително место за нашите земји и со секој минат ден ја продлабочуваат врската помеѓу нашите народи. Турската заедница во Северна Македонија продолжува во секоја област да придонесува во развојот на земјата“, рече амбасадорот Улусој.

Тој додаде дека Туркије, по прогласувањето на независноста на Северна Македонија, преку своите институции и установи, континуирано продолжува со економските врски и инвестиции во земјата, во низа области, првенствено во образованието, културата, здравството, одбранбената индустрија, туризмот и градежништвото.

Тој нагласи дека Туркије е седми најголем партнер на Северна Македонија во надворешната трговија, додавајќи дека билатералната трговска размена помеѓу земјите во изминативе години постигна значително ниво од една милијарда долари.

„На крајот од мојот говор сакам уште еднаш да ја истакнам нашата силна волја за натамошно унапредување на врските помеѓу Северна Македонија и Туркије на полето на економијата, трговијата, туризмот, културата, одбраната и сите други полиња. За овој ифтар изразувам благодарност и до МАТТО, која секојдневно ги зацврстува врските помеѓу двете братски земји. Ви благодарам што ме слушавте. Ја користам можноста да им честитам Велигден на членовите на христијанската верска исповед. Исто така, посакувам среќен Бајрам следната недела со вашите најблиски. Аллах да ни го прифати постот“, рече амбасадорот Улусој.

Своее обраќање имаше и претседателот на МАТТО, г. Ајдован Адемоски, кој им се заблагодари на сите што ја прифатија поканата да „ја споделуваме оваа ифтарска вечера сите заедно во еден дух на братство, на заедништво“.

„Се надевам дека во духот на оваа ифтарска вечера ќе се сплотиме, ќе бидеме многу поблиски, поблиску и до бога и ќе направиме поубави работи во нашата мала, но скромна и убава држава“, рече Адемоски.

Тој, исто така, им ги честита претстојните велигденски празници на деловните партнери и пријатели од христијанска верска исповед, а на припадниците од исламска верска исповед им посака да имаат убави моменти во последните денови на светиот месец Рамазан и празникот Рамазан Бајрам.

AA
Популарни