Студентите бараат подобрување на условите за живот / Photo: AA

По повод Меѓународниот ден на студентите, повеќе студентски организации организираа марш во Скопје за да го изразат своето незадоволство и да бараат подобар студентски стандард.

Маршот на универзитетските студентски собранија при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ (УКИМ), Универзитет на Југоисточна Европа, ФОН, Американ колеџ, ФОП, универзитетите од Битола и Штип и движењето „Студентски отпор“ започна пред зградата на Владата на Северна Македонија и продолжи до пред зградата на Министерството за образование.

Стотина студенти одржаа мирен марш држејќи разни банери на кои меѓу другото пишуваше: „Дали е ова 1939-та?“ „Без образование нема држава“, „Тука сме за да не ти биде џабе учењето“, „Студентси оброк-глад“, „Одлив на мозоци-прилив на бифтеци“.

Организаторите и лидерите на студентските организации во своите говори пред Министерството за образование порачаа во услови на инфлација и енергетска криза да не се штеди на грбот на студентите со антикризни мерки.

Тие побараа зголемување на износот на субвенционираниот оброк, подобрување на условите за живот во студентските домови и поголеми стипендии.

Притоа, организаторите и голем дел од студентите држеа „жолти картони“ како симболика дека маршот е последна опомена, додавајќи дека ќе продолжат да се борат за подобри услови.

По завршување на говорите, студентите пред Министерството за образование симболично оставија жолти картони како последно предупредување, како и скромни порции со леб и зденка.

TRT Balkan / агенции
Популарни