„Кога се работи за детските права, сите сме еден тим“, беше мотото на настанот што се одржа во Скопје по повод Светскиот ден на детето.       Фото.: АА

„Кога се работи за детските права, сите сме еден тим“, беше мотото на настанот што се одржа во Скопје по повод Светскиот ден на детето.

Настанот се организираше од страна на Фондот за деца при Обединетите нации (УНИЦЕФ) и Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), и на него учествуваа и премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, дел од фудбалерите на фудбалската репрезентација на Северна Македонија, амбасадори, деца и родители, како и други поканети гости.

Ковачевски во своето обраќање истакна дека оваа година Светскиот ден на детето се поклопува со започнувањето на Светското првенство во фудбал.

„Последниве неколку години сите знаете дека беа години на предизвици, прво ковид-пандемијата, па економската криза, војната во Украина, енергетската криза, и тоа секако остави огромни последици, особено не само врз семејствата, туку најважно и најмногу врз децата“, рече Ковачевски.

Премиерот нагласи дека децата и младите биле најпогодени од ковид-кризата, навистина целосно им се измени и учењето и другарувањето, и им се измени животот.

„Јас силно верувам дека предизвиците нѐ прават посилни и дека кога пловиме по немирни води, само со храбар и проактивен однос кон животот постигнуваме и успеси. Ваквиот приод сакаме да им го пренесеме и на најмладите и на овој ден гласно да им порачаме и самите да бидат гласноговорници и застапници на своите права. Светскиот ден на детето е нашиот потсетник за обврските што како општество ги имаме кон нашите деца, особено оние чија положба е многу чувствителна“, додаде Ковачевски.

Претставничката на УНИЦЕФ, Патриција ДиЏовани, рече дека УНИЦЕФ, во соработка со влади и партнери, секоја година го одбележува Светскиот ден на детето.

„Оваа година Светскиот ден на детето се одбележува на истиот ден кога започнува Светското првенство во фудбалот. Среќна сум што можам да го искористам овој момент за да се здружиме како еден тим за да застанеме покрај децата и младите за акција за создавање поеднаков, инклузивен свет за секое дете“, нагласи таа.

„Се започнува со квалитетна здравствена заштита за секое дете, вклучувајќи го и правото на децата да бидат заштитени од болести кои можат да се спречат со вакцини. Потребно ни е квалитетно и инклузивно образование за секое дете“, истакна ДиЏовани.

Директорот на ФФМ, Дени Масев, истакна дека во партнерство со УНИЦЕФ, за време на најголемиот светски фудбалски настан, Мундијалот во Катар, имаат можност да испратат заедничка порака за поврзаност, инклузија и почитување на детските права.

„Фудбалот значи ширење на пријателство, еднаквост, промовирање на здрав начин на живот, и спортска култура, ве охрабруваме сите млади активно да се вклучите во активностите кои ја пренесуваат пораката за присуство на пријателство и еднаквост на спортските терени, но и во секојдневниот живот“, рече тој.

„Заеднички се трудиме да ја подигнеме јавната свест за правата на децата и потсетуваме дека секој член на општеството, секој професор, учител, родител, поглавар на верски заедници, секоја влада, премиер, државни службеници, фудбалери или селектори, секој околу нас придонесува за унапредување и заштита на детските права“, додаде Масев.

По одржаните говори, во рамки на настанот се одржа и пријателски натпревар.

AA
Популарни