Со маски на лицата, капчињa и качулки, група членови на „Златна зора”, синоќа упаднаа во галеријата на солунската општина Каламариа за време на изложба на македонскиот ликовен уметник Сергеј Андреевски.
Во објавено видео на т.н „Фронт на подмладокот - Златна зора“ се тврди дека „Златна зора ја запечатила скопската изложба во Каламариа“ и се додава дека не прифаќаат никаков компромис за „грчкиот карактер на Македонија“, дека станува збор за „очигледен потсмев и навреда на националното чувство на Македонците“, и затоа морале да интервенираат и пред сѐ да испратат порака до грчките власти дека ваквите провокации не останувале без одговор.
На влезот од галеријата залепиле плакати кои, како што велат, се однесуваат на жителите и на неприфатливата толеранција на градоначалникот.
„Се забранува секаква реклама или отстапување на јавен простор со пари од грчките граѓани за организации или личности како што е Сергеј Андреевски, кои ја поткопуваат грчката историја, го оспоруваат грчкиот карактер на нашата земја, ги отстапуваат нашите национални симболи и одобруваат криминал врз Грците”, пишува на плакатот.
За инцидентот реагираше и македонското Министерство за надворешни работи. Била повикана и грчката амбасадорка во Скопје Симона Филипиду при што и биле искажани очекувањата за преземање на сите мерки за откривање и процесирање на сторителите.
„Иако без демонстрација на физичко насилство или нанесена материјална штета, поради заканите и вербалните напади била повикана и полиција, која е целосно известена за инцидентот. За инцидентот известени се и Генералниот конзулат на Северна Македонија во Солун и Амбасадата во Атина, кои веднаш стапија во директен контакт со надлежните органи на Грција, а за инцидентот е информирано и грчкото Министерство за надворешни работи”, се вели во реакцијата.
Златна зора како политичка партија во периодот од 2012 до 2019 година беше дел од грчкиот Парламент, а со судска пресуда од 2020 година е прогласена за криминална организација и нејзиното раководство, поранешни пратеници и членови, веќе три години издржуваат затворска казна.
Изложбата „Неизложени дела на хартија“ на ликовниот уметник Сергеј Андреевски беше свечено отворена во петокот во Солун, во присуство на голем број посетители, а уметникот истакна дека уметноста не познава граници и дека нејзиниот јазик е универзален.