Проблемот со јавниот превоз во Скопје стана алармантен во текот на вчерашниот ден откако автобусите на ЈСП „Скопје“ престанаа да возат поради немање нафта / Photo: ЈСП Скопје Фејсбук

Владата на вонредна седница одлучи да му даде на Град Скопје нафта од државните резерви, откако автобусите на ЈСП останаа без гориво поради поништен тендер за набавка на бензин.

„Владата вонредно расправаше поради недостигот на енергенси за обавување на јавниот сообраќај на територијата на Град Скопје, при што беше констатирана лошата состојба и недостиг на гориво за потребите на Јавното сообраќајно претпријатие при што Владата се вклучи во решавање на овој проблем. Се донесе одлука со која се утврдува постоење на кризна состојба во снабдувањето со топлинска енергија на подрачјето на Град Скопје, заради недостиг на топлинска енергија, можноста за користење на алтернативно гориво и состојбите на пазарот на топлинска енергија. Со ова се овозможува да се позајмат на градот Скопје дел од нафтените резерви на државата“, соопштија од Владата.

Се работи за количина од околу 250 тони гориво која според проценките треба да биде доволно се додека не се спроведе јавната набавка за која е најавено дека ќе оди по брза постапка со преговарање без оглас.

„Денес меѓудругото Бирото за јавни набавки донесе одлука со која се исполнети условите за спроведување на постапка со преговарање без објавување на оглас за да се скрати периодот за набавка на дериватот потребен на градот Скопје. Со ова Владата го затвора прашањето со настаната потешкотија во работењето на градското претпријатие за јавен сообраќај“, рекоа од Владата.

Проблемот со јавниот превоз во Скопје стана алармантен во текот на вчерашниот ден откако автобусите на ЈСП „Скопје“ престанаа да возат поради немање нафта. Низ скопските улици можеше да се забележат само оние автобуси што возат на метан.

Денеска од Бирото за јавни набавки информираа дека управната контрола увидела дека ЈСП „Скопје“ избрало неприфатлива понуда за најповолна при набавката на горивото еуродизел. Оттаму посочија дека понудата, која била и единствена поднесена во постапката, не исполнува услов што самиот ЈСП го навел во тендерската документација.

По ова, од Јавното обвинителство соопштија дека се дадени насоки на Управата за финансиска полиција да ги испита постапките за јавни набавки на мазут за потребите на ЈСП.


TRT Balkan / агенции
Популарни