Во Бугарија во октомври ќе се одржат предвремени парламентарни избори откако Бугарската социјалистичка партија (БСП) не успеа да формира влада и на 18 јули му го врати мандатот на претседателот Румен Радев.
Радев: Земјата е на пат кон предвремени избори
Претседателот Румен Радев во изјава, откако лидерката на БСП, Корнелија Нинова, го врати мандатот за формирање влада, истакна дека земјата е на пат кон предвремени избори.
Според Радев, најлошото наследство од четирипартиската коалициска Влада на премиерот во оставка, Кирил Петков, е хаосот направен во енергетскиот сектор.
Радев истакна дека ќе дозволи Парламентот да работи уште една недела пред да го распушти.
Бугарскиот претседател, исто така, побара да биде избран претседател на Државната регулаторна комисија за енергетика и води, која ги следи цените на природниот гас и другите горива во земјата во овој период.
Лидерката на БСП, Корнелија Нинова, нагласи дека во кризен период се обиделе да спречат предвремени избори во земјата, но во последните 10 дена не можеле да добијат поддршка од Парламентот.
Истакнувајќи дека претседателот Радев е политичарот кој најмногу ја критикува Владата во оставка, Нинова рече: „Секако дека не можам да го прифатам обвинувањето за создавање хаос во енергетскиот сектор.“
Привремена Влада
Во овој случај, Радев треба да го распушти Парламентот, да одреди датум за предвремени избори и да формира привремена Влада која ќе управува со земјата до формирањето на следната влада.
Четирипартиската коалициска Влада на Кирил Петков, копретседател на партијата „Промените продолжуваат“ (ПП), најголемата група во Парламентот, на власт остана само шест месеци.
Владата на Кирил Петков, кој не можеше да добие доверба во Парламентот, поднесе оставка откако партијата „Има таков народ“ (ИТН) на популистичкиот шоумен Слави Трифонов, се повлече од коалицијата.
Какви се уставните процедури?
Според Уставот, претседателот, пред да бидат распишани предвремени избори, мандатот за формирање влада треба да им го даде на двете најголеми политички сили во Парламентот, а потоа на друга партија.
Во овој процес, партијата „Промените продолжуваат“ (ПП) и партијата „Граѓани за европски развој на Бугарија“ (ГЕРБ) на поранешниот премиер Бојко Борисов, која ја има втората по големина група во Парламентот, не успеаја да формираат влада.
Во Бугарија минатата година трипати се одржаа парламентарни избори. Народот повторно ќе излезе на гласање во првата половина на октомври