Центар за балкански студии е отворен во рамките на Меѓународниот балкански универзитет (МБУ) во Скопје.
На настанот што се одржа во кампусот на МБУ во Скопје присуствуваа амбасадорот на Туркије во Скопје, Фатих Улусој, амбасадорот на Република Азербејџан за Република Северна Македонија, со седиште во Белград, Камил Касијев, претставникот на Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР) за Северна Македонија, Габриел Гуалано де Годој, заменик-министерот за култура на Северна Македонија, Онур Али, претставници на турските институции и организации во земјата, академици и студенти.
Како дел од отворањето на Центарот за балкански студии, се одржа и панел под наслов „Глобалните ефекти од конфликтите во Украина и Газа и геополитичкиот контекст на Кавказ: политички, социјални и економски импликации“.
Амбасадорот Улусој во своето обраќање истакна дека придаваат значење и го поддржуваат отворањето на Центарот, посакувајќи успех во работата.
Улусој истакна дека на панелот одржан во рамки на отворањето на Центарот се разговарало за важни прашања, како што се Газа, Палестина, Украина, Азербејџан - Ерменија, имиграциите и бегалците.
„Накратко го објаснивме ставот на Туркије за прашањето за Газа. Зборувавме дека израелскиот напад врз иранската Амбасада во Дамаск се противи со меѓународното право и дека одговорот што на овој напад го даде иранската страна не треба да го одвлече вниманието од Газа, за нашата посветеност кон Газа и дека треба што е можно поскоро да работиме за решение на овој проблем. Се обидовме да ги нагласиме напорите и дипломатијата на Туркије во тој поглед. Зборувавме и за помошта што ѝ ја дадовме на Палестина. На крај, ја објаснивме помошта што ја испративме со бродот што замина синоќа, 9-от брод со хуманитарна помош, заедно со 13 воени товарни авиони претходно“, рече амбасадорот Улусој.
Наведувајќи дека на панелот ја објасниле потребата од почитување на меѓународното право, Улусој рече дека по прашањето за Азербејџан - Ерменија, Туркије го поддржува што е можно поскорото воспоставување на траен договор меѓу двете земји.
Посочувајќи дека територии на Азербејџан се окупирани од Ерменија веќе 30 години, амбасадорот Улусој потсети дека групата Минск на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) не успеа да го обезбеди потребното решение и потсети дека прашањето е решено со сопствените напори на Азербејџан.
Наведувајќи дека меѓу темите на панелот било и украинското прашање, Улусој истакна дека се осврнале и на Договорот за жито што Туркије го овозможи заедно со ОН.
Зборувајќи дека надворешната политика на Туркије секогаш им придава значење на мирот и стабилноста, амбасадорот Улусој продолжи со зборовите:
„Ова важи и за Балканот, како и за секој друг регион. Ние не гледаме на стабилноста и мирот на Балканот различно од мирот и стабилноста во нашата сопствена земја. Туркије отсекогаш правела сѐ што треба во тој поглед, и во минатото и во последно време, и во иднина ќе го прави тоа без да се двоуми.“
„Еден од приоритетите на надворешната политика на Азербејџан е развивање пријателски односи со балканските земји“
Амбасадорот Касиев рече дека Центарот за балкански студии е навремена иницијатива, имајќи ја предвид сложената геополитичка ситуација во светот и регионот и дека на сите им е потребен придонесот на тинк-тенковите и академскиот свет, како и нови идеи за надминување на многу сложените проблеми со кои се соочуваме некое време.
Посочувајќи дека Азербејџан придава големо значење на соработката со земјите од Балканскиот Регион, Касиев го рече следното:
„Еден од приоритетите на надворешната политика на Азербејџан е развивање на пријателски односи со земјите од овој регион. Јужен Кавказ е многу сложен регион, но во исто време е и многу важен геостратешки регион во однос на неговото влијание врз многу прашања. Историски гледано, отсекогаш постоела одредена област на конкуренција меѓу некои сили. Досега бевме сведоци на некои сложени проблеми во овој регион.“
Габриел Гуалано де Годој, како претставник на УНХЦР, го изрази своето задоволство од учеството на ваков настан и истакна дека им се потребни повеќе соговорници, особено од академската заедница, за да се предочат различни перспективи за тоа како да се решат глобалните предизвици, вклучително и бегалците кои избегале од конфликти и војни.
Посочувајќи на бројот на бегалци и насилно раселени лица, Годој рече:
„Во светот има повеќе од 114 милиони (бегалци и присилно раселени лица). Ова е најголемата хуманитарна криза по Втората светска војна. Затоа, потребна ни е силата и одлучноста освен на меѓународната заедница, земјите членки, и на приватниот сектор, невладините организации и академската заедница, за да можеме да воспоставиме сојузи за изнаоѓање решенија за луѓето кои бегаат од војни и конфликти.“
Зборувајќи дека Центарот за балкански студии ќе работи како истражувачки центар на новата генерација, ректорот на МБУ, проф. д-р Љутфи Сунар, го рече следното:
„Ќе имаме директни врски, конекции и доработка со многу институции и луѓе од целиот свет. На нашиот универзитет, нема да организираме и спроведуваме истражувања само во рамките на нашата сопствена структура, туку ќе го правиме тоа на глобално ниво.“
Проректорот на МБУ и директор на Центарот за балкански студии, доц. д-р Мевлудин Ибиши, посочувајќи на целите на Центарот, истакна:
„Наша цел е да обезбедиме објективни, добро истражени анализи кои ќе им помогнат во академскиот развој на високо ниво на академските и јавните институции, како и на другите засегнати страни во донесувањето одлуки базирани врз информации и во креирањето ефикасни политики.“