Во главниот град на Северна Македонија, Скопје, одбележан е христијанскиот празник Водици.
По повод празникот, во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“ во Скопје се одржа литургија.
По одржаната литургија, поглаварот на Македонската православна црква, г. г. Стефан, во водите на реката Вардар, од мостот „Слобода“ во центарот на Скопје, го фрли крстот.
Оваа година околу 150 учесници се пријавени да влезат во водите на реката Вардар за да го фатат крстот.
Традиционално, на овогодишната церемонија присуствуваа илјадници граѓани, како и функционери, меѓу кои и премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, и градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.
17-годишниот Ѓорѓи Николовски од Скопје успеа да го фати крстот кој беше фрлен во водите на реката Вардар.
Премиерот Ковачевски, во изјава за медиумите, упати честитки по повод празникот, и посака успех и среќа.
„Во тој дух сакам да го честитам празникот на сите наши граѓани и да посакам успешна година, среќен празник, на сите оние кои слават именден да им го честитам именденот“, додаде Ковачевски.
Овој христијански празник се одбележува со литургии во црквите во градовите низ земјата.
Според христијанското верување, се смета дека на овој ден сите води се крстени, и дека оној што ќе го најде крстот, ќе го следат среќа и бериќет во текот на целата година. Водици е ден во кој, според христијанското учење, Св. Јован Крстител го крстил Исус во реката Јордан.
Со овој празник завршува циклусот зимски празнувања, во кои спаѓаат уште и Бадник, Божиќ и Василица.