Во рамките на Неделата на Чамите во Скопје денеска беше организиран собир за Чамерија пред Грчката амбасада.
Денешниот собир е дел од активностите организирани во Скопје во рамки на Неделата на Чамите, додека на 23 јуни во Скопје беше организирана изложба за Чамерија и Чамите, дебати со историчари и други активности.
Собирот пред Амбасадата беше мирен и немаше инциденти, а насобраните лица беа облечени со облека со елементи за Чамерија и албанското знаме.
Пред Грчката амбасада имаше засилено присуство на полициски сили кои го блокираа патот пред зградата на Амбасадата и ги спречија демонстрантите да се приближат до зградата.
Во писмото до Амбасадата на Грција во Скопје, што во име на организаторите го прочита Афан Шерифи, се наведува дека Албанците од Чамерија била масакрирани и прогонети од нивната земја при геноцидот извршен од страна на грчката војска ЕДЕС предводена од Наполеон Зерва во 1944 година.
Во тоа време, грчката држава ги обвинуваше Чамите дека се соработници на германските нацисти, обвинение кое како што рече Шерифи, никогаш не било потврдено од страна на грчката држава.
„Конфискувањето од страна на Грција на приватните куќи и имоти во кои вистински сопственици се Албанците, јасно покажува дека етничкото чистење на Чамерија од албанскиот елемент има политичка заднина која не е поддржана од ниту еден факт за официјално декларирано обвинение за соработка со Германија“, нагласи Шерифи.
Тој рече дека од Грција бараат на Албанците од Чамерија да им се дозволи да се враќаат со цел да ги посетат своите домови и гробиштата на нивните предци, додавајќи дека на Чамите им се одземени сите човекови права, дури и да ја посетуваат Грција како туристи.
Шерифи укажа на апелот до Европската комисија и Европскиот парламент да ја повикаат Грција како членка на ЕИ, да престане со етничката и верска дискриминација кон Чамите.
Според него, без решавање на прашањето на Чамите, никогаш нема да има пријателство и искрено соседство меѓу двата народа.
„Албанците каде и да се секогаш ќе ги бараат своите права и ќе бараат решение на Чамите како национално прашање. Затоа ние сме денес тука за да им кажеме стоп на расната и верската дискриминација што Грција ја извршува против Албанците од Чамерија“, додаде Шерифи.
Грчката амбасада во Скопје го одби протестното писмо
По читањето на протестното писмо беше предвидено организаторите да го достават до Амбасадата на Грција во Скопје. Но, Ердуан Даути, еден од учесниците во собирот, рече дека тоа им било оневозможено бидејќи Грчката амбасада во Скопје одбила да го прими писмото.
„Денес беше ден кога советот на симболичен начин требаше да достави протестно писмо до Амбасадата. За жал, Амбасадата не е подготвена да го прифати ниту ова протестно писмо. Затоа, ова писмо повторно ќе го испратиме по пошта, но физички ова писмо не ни го прифаќаат“, нагласи Даути.
Тој се пожали и на зголеменото полициско присуство, блокадите на патиштата и запирањето на насобраните на неколку метри од зградата на Амбасадата, бидејќи како што рече, ова бил најавен мирен собир.
Инаку, активностите во рамки на Неделата на Чамите во Скопје беа организирани од страна на совет кој се состои од неколку невладини организации во Северна Македонија, во координација со здружението „Чамерија“ од Албанија и партијата Правда, интеграција и единството (ПДИУ) од Албанија.