Дел од препораките се и да не се организираат спортски и други манифестации на отворено / Photo: Reuters

Во Скопје стапуваат на сила мерките и препораките поради зголеменото аерозагадување, односно поради зголемената концентрација на ПМ 10 честички во текот на два последователни дена, информираат од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП).

„Согласно Уредбата за изменување и дополнување на Уредбата за гранични вредности за нивоа и видови на загадувачки супстанции во амбиентниот воздух и прагови на алармирање, рокови за постигнување на граничните вредности, маргини на толеранција за гранична вредност, целни вредности и долгорочни цели во која е дефиниран прагот на алармирање на суспендирани честички со големина до 10 микрометри (надминување на вредноста од 150 mg/m3 во текот на два последователни денови) и добиената временска прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи, тој е надминат на мерните места во Скопје – Лисиче и Ректорат“се вели во денешното соопштение од МЖСПП.

Според владините препораки, поради зголеменото аерозагадување, се препорачува работодавците да ги ослободат од работа бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста, со препорака на матичен лекар. Се препорачува и реорганизирање на работното време, а лицата кои работат на отворено да работат од 11:00 до 17:00 часот.

Дел од препораките се и да не се организираат спортски и други манифестации на отворено и да се обезбедат услови за зголемени активности на службите за итна медицинска помош, домашна посета и патронажна служба.

Во делот од мерките, се посочува Владата да ги задолжи сите органи на државна управа и единиците на локална самоуправа да ја намалат (до 50 отсто) употребата на службените возила, како и да обезбеди ограничување на работите на градежните објекти.

TRT Balkan / агенции
Популарни