Животниот стандард во Југославија бил повисок - Мит или реалност     Фото: TRT Balkan

За животот и животниот стандард во времето ја Југославија, оние што живееле во тој период често говорат со носталгија. Листата на причини за југоносталгијата е долга, но во прв ред се издвојуваат единството и солидарноста меѓу луѓето, мирот, класната еднаквост и генерално животниот стандард од кој повеќето граѓани биле задоволни.

Доминантна средна класа

Работничката средна класа била доминантна во поранешниот систем на уредување, па социјалните и економските разлики меѓу граѓаните не биле видливо изразени што овозможувало социјален мир и општествена хармонија.

Од временска дистанца од најмалку 30 години, кога во меѓувреме се сменети многу општествени, политички, економски, културолошки и технолошки околности, неблагодарно е да се прават класични споредби на животниот стандард. Сепак, вреди да се направи ретроспектива на животот тогаш и сега.

Оние што живееле и твореле во периодот на поранешна Југославија забележуваат дека во почетокот на 80-тите години на минатиот век, литар млеко можел да се купи за 9,9 динари, литар масло за јадење 28,6 динари, килограм компир 9,31 денар, литар бензин за 18,5 денари … Преведено во денешни околности, основните трошоци за живот биле ниски.

Плата под просекот за 80 отсто од вработените

Според достапните податоци, просечната плата во СФР Југославија изнесувала 6.109 динари или околу 400 тогашни германски марки, додека просечните расходи, односно потрошувачката кошничка на четиричлено семејство изнесувала околу 8.300 динари, или околу 550 марки.

Сепак, вреди да се напомене податокот дека 80 отсто од вработените граѓани тогаш примале плата под просекот, а најниско биле платени текстилците. Во тој поглед ништо подобра не е состојбата ниту денес, ако се земат в предвид статистичките податоци според кои над 65 отсто од вработените во Северна Македонија, а значително не е подобра состојбата ниту во соседството, работат за месечна плата помала од просекот.

Дали во Југославија вработеноста била висока?

Повеќе од половина милион луѓе мигрирале во западните земји, најголем дел во Германија, во првите пет години откако југословенскиот претседател Јосип Броз Тито ги отворил границите во период од 1968-1973 година. Подоцна, оваа бројка се зголемила за уште околу милион.

Падот на невработеноста во тие години се поклопува со бројот на луѓе кои се отселиле. Официјалните податоци за невработеноста во СФРЈ говорат дека во осумдесеттите години таа воглавно се движела на околу 15-16 отсто. Проблемот се јавил кога невработеноста низ годините експоненцијално растела од година во година.

Евтино, но недостапно

Во осумдесеттите години кризата се јавувала низ инфлацијата и недостатокот на некои стоки на пазарот. Ова е решавано со поволни кредити, ограничување на потрошувачката или со издавање бонови за одредена стока.

На пример, цената на јунешкото месото првично била висока, односно 138 динари за килограм или околу 9 марки. Населението реагирало на високата цена на месото поради што тогашната федерална југословенска Влада, донела одлука за намалување на цената на јунешкото месо на 120 динари за килограм, а на пилешкото за 56 динари.

Но, по само неколку дена во месарниците немало месо и ова била неретка појава бидејќи кланиците не сакале да доставуваат месо по намалени цени. Поради тоа, тогашните власти донеле одлука со која определиле компензација за да се нормализираат состојбите на пазарот.

Сегашната цена на јунешкото месо во маркетите и месарниците достигна околу 600 денари за килограм. Во превод, ако пред триесетина години можеле да се купат 50 килограми месо за просечна плата, денес со сегашната македонска просечна плата би можеле да се купат околу 40 килограми.

Помала потрошувачка на останати услуги

Во тоа време потрошувачката на останатите услуги била далеку помала отколку денес затоа што немало мобилни телефони, помала била потрошувачката на гориво по жител бидејќи имало неспоредливо помалку автомобили. Становите се добивале така што немало никакви хипотекарни кредити ниту отплата, комуналните услуги биле далеку повеќе социјална категорија отколку денес и трошоците биле неспоредливо пониски.

Со вештачки раст до најголема криза

Луѓето ги паметат седумдесеттите години на минатиот век кога стандардот растел благодарејќи на задолжувањето и насочувањето на средствата во јавната потрошувачка. Токму затоа југоносталгичарите се присетуваат на „златните седумдесетти“.

Меѓутоа, ако се навлезе во подлабочинска анализа, се заклучува дека тој вештачки раст довел до најголемата криза во историјата на Југославија, која и значително имала придонес во нејзиното распаѓање.

Индустријата во која се вложувало, не ја донела очекуваната корист и се покажала како камен околу вратот. Во 1983 година Југославија официјално банкротирала, но тоа никогаш на своите граѓани не им го објавила и престанала да ги плаќа сите обврски кон странство, што резултирало со голем недостаток на бројни производи од прехранбената индустрија.

Преголема задолженост

Југославија 1991 година ја дочекала со околу 20 милијарди долари долг. Нејзиниот долг се се сметал за ненаплатлив. Претходно Меѓународниот моментарен фонд (ММФ) го намалил долгот за 1,8 милијарди долари бидејќи земјата едноставно немала средства за враќање ниту на каматата, а уште помалку за главницата.

Во обид да се спаси југословенската економија, САД дале неповратно околу 3,5 милијарди долари за да се стабилизира динарот, но за шест месеци тие средства се покажале како недоволни. На ваквите состојби му претходеле неколку децении изградба на економија чија структура била таква да нејзиниот опстанок зависел токму од постојаното зголемување на надворешниот долг.

Сосема спротивно на денес популарните митови, економијата на Југославија не била засновата врз добивката од индустријата - всушност, ја немало. Напротив, целокупната индустрија на Југославија работела со загуба, исклучиво преку задолжување, девизни дознаки од работниците во странство и туризмот.

Сепак, еднаквоста, солидарноста и верувањето во вредностите остануваат вредни за носталгичните присетувања за едно сосема поинакво време. Но остануваат и отворени прашањата можело ли поинаку да се управува и во поранешната заедничка држава и доколку можело, дали тоа би значело подобра економска позиција на регинот во кој живееме сега.

TRT Balkan
Популарни