Според резултатите од светската ранг листа на универзитети за 2025 година, објавена од специјализираниот магазин за образование „Тајмс Хајер Едукејшн“, (Times Higer Education), Универзитетот во Оксфорд веќе деветта година во низа е на првото место на таа листа.
Оксфорд на тој начин го надмина претходниот рекорд на Харвард, кој заврши во 2011 година, по осум години на чело на листата.
Во образложението на рангирањето се наведува дека во споредба со другите институции на првите пет места, Оксфорд се издвојува по меѓународната репутација, особено уделот на странски студенти и меѓународното коавторство.
Од американските универзитети, најдобро рангиран е Технолошки институт во Масачусетс (МИТ), воедно е и највисоко рангиран универзитет во САД, кој е на второ место на глобално ниво, што е негов најдобар учинок досега, во споредба со неговото трето место за 2024 година.
МИТ со тоа го замени Универзитетот Стенфорд, кој падна од второто на шестото место на светската ранг-листа, што е негова најниска позиција од 2010 година.
На третото место на листата е Харвард, кој на рангирањето за 2024 година беше на четвртото место, додека Принстон е на четвртото место на рангирањето за 2025 година, наспроти шестото место на кое беше оваа година.
Кембриџ и Стенфорд се на петтото и шестото место на рангирањето за 2025 година.
Технолошкиот институт во Калифорнија е на седмото место, Беркли е на осмото, Кралскиот колеџ во Лондон е деветто, а Јеил е на десеттото место.
Додека меѓу најдобро рангираните универзитети сè уште доминираат институции од САД и Велика Британија, податоците откриваат загрижувачки тренд дека двете земји бележат брз пад на нивната просечна репутација на истражување и настава.
Угледот на наставниците во Обединетото Кралство падна за три отсто од минатата година, а на истражувачите за пет отсто, врз основа на повеќе од 93.000 одговори на Анкетата за академска репутација, во која академиците избираат до 15 институции за кои веруваат дека се одлични и во наставата и во истражувањата.
Според резултатите објавени од магазинот, клучни земји кои го подигнуваат рејтингот на нивните универзитети се Кина, Франција и Германија.
Кинеските универзитети сега земаат 7,7 отсто од гласовите за наставата, што е повеќе од 7,2 отсто минатата година и 2,7 отсто пред една деценија, и 7,3 отсто од гласовите за репутацијата на истражувањето, што е повеќе од 2,2 отсто во 2015 година.
Француските универзитети сега имаат 2,9 отсто од гласовите за угледот на наставниците, што е благ пад од минатата година, но постојан пораст од 2015 година кога добија 2,4 отсто.
Нивниот удел во гласовите за репутацијата на истражувачи се зголеми на 2,9 отсто, од 2,8 минатата година и 2,1 пред една деценија.
Германија, исто така, го зголеми својот удел на 3,9 проценти за угледот на наставниците и 4,4 проценти за истражување.