Десет работи што треба да ги знаат идните вселенски туристи     Фото: ТРТ Балкан

Со децении вселената и ѕвездите беа привилегија за професионалните астронаути кои беа тренирани и одбрани од вселенските агенции на поголемите држави.

Сонот на илјадници да се напушти орбитата на Земјата и одблиску да се почувствуваат ѕвездите сепак во денешно време не е толку далечен. Со демократизацијата на вселенските истражувања се отвора и можноста за вселенски туризам кој, рака на срце, нема воопшто да биде евтино задоволство.

Компаниите како Блу Ориџин или Вирџин Галактик развија летала со кои практично е возможно да ја напуштите Земјата и да заминете на вселенско патување, секако доколку вашиот џеб е доволно длабок за ова.

Се смета дека вистинската демократизација на вселенскиот туризам ќе се случи токму во оваа деценија.

Астронаутите на НАСА споделуваат низа совети кои треба да се знаат пред воопшто да размислите дали да бидете вселенски турист или не.

Кратко и слатко патување

Напуштањето на орбитата на Земјата со леталата на Вирџин Галактик или Блу Ориџин ќе бидат брзи и кратки и повеќе изгледа како патување од долу кон горе отколку целосно орбитирање околу планетата. Она што треба да го знаат туристите е дека воопшто не треба да се грижат за леталото бидејќи за тоа има „кој да мисли“.

Пократка обука

Обуката што ќе треба да ја поминат вселенските туристи е „разводената“ во споредба со онаа што ја проаѓаат астронаутите. Се претпоставува дека ваквите обуки би траеле неколку денови. Добрата страна е што најверојатно повеќемина ќе може да го пројдат тренингот, а лошата страна е што кандидатите нема да ја имаат довербата како што би ја имале доколку го пројдат целиот тренинг.

Психички подготовки

Клучни ќе бидат психичките подготовки на кандидатите бидејќи за разлика од патувањето со авион ова не е толку „мазно и глатко“ патување. Токму затоа нужна е ментална стабилност.

Не е како на филм

Забрзувањето и „лепењето“ за седиштето за време на полетување, но и на слетување е големо, но сепак астронаутите велат дека воопшто не е како она кое најчесто се гледа на филмовите каде неретко им се менува и ликот на оние што патуваат во вселената како резултат на забрзувањето. Доколку можете да издржите на малку посериозните атракции во тематските паркови (тобогани, вртелешки и слично) тогаш лесно ќе се снајдете и со овој предизвик.

Пробајте скуба нуркање

Се препорачува идните вселенски туристи да се обидат со скуба нуркање пред да заминат на ваква авантура надвор од Земјата. Иако под вода не е воопшто исто како да лебдите во вселената сепак добро е да се извежба и осети чувството на бестежинска состојба. Всушност НАСА има реплика на Меѓународната вселенска станица во огромен базен каде астронаутите вежбаат.

Неколку минути во бестежинска состојба

На овие кратки вселенски авантури, туристите ќе имаат можност од само неколку минути бестежинска состојба па потребно е добро да се испланира времето, дали да се понесе некоја семејна фотографија и дали да се направи некоја интересна фотка. Не се препорачува сами да си правите селфи бидејќи тоа ќе биде предизвик во таква ситуација. Со оглед на висината на цената на овие патувања, бидете сигурни дека операторите ќе се погрижат да имате доволно спомени.

И миењето заби ќе биде предизвик

Во случај да станува збор за туристичко патување од неколку денови ќе мора да бидете подготвени да ги извршувате сите задачи во бестежинска состојба па работи како миење заби и слично ќе бидат вистински предизвик. Дали некогаш сте помислиле како се користи тоалетот во вселена?

Без вселенски прошетки

Тешко дека во догледно време ќе им бидат овозможени вселенски прошетки на туристите во вселената па заборавете на оние ситуации кои ги имаше во филмот „Гравитација“. Сепак, има и вакви планови. Па така се планира во 2023 година вселенска тура во која еден од туристите ќе може да изврши и делумна вселенска прошетка. За ова секако потребен е долг тренинг и долготрајно планирање.

Слетување?

Постојат два начини на слетување при вакви летови. Едниот е со летало во облик на шатл, а вториот е во облик на капсула слична на онаа на Аполо. Вселенскиот шатл слетува слично како авион, додека капсулата слетува најчесто со помош на падобрани и тоа во вода. Чувството кога ќе се отвори падобранот може да биде непријатно, а секако и ударот во вода е далеку посилен отколку мазното слетување.

Вреди за парите

Засега летовите се очекува да чинат по неколку стотици илјади долари за лет во орбита, а неколку милиони долари за подолг престој на малку „повисоко“. Но сепак, астронаутите велат дека инвестицијата се исплати.

TRT Balkan
Популарни