Туристи од целиот свет доаѓаат токму тука за да преспијат во автентична македонска селска куќа / Фото: TRT Balkan

Замислете селска вила каде посетителите плаќаат колку што се задоволни и сето тоа веднаш под Пелистер. Звучи неверојатно, нели? И што е уште поинтересно вилата ја води поранешниот фудбалер Пеце Цветковски кој по долга меѓународна кариера решава да се врати во родниот крај и во селото Дихово да создаде уникатна туристичка понуда.

„После завршетокот на мојата фудбалска кариера, престојот во Данска, одлучив да се вратам назад. Кога видов какви можности имаме, патувајќи низ Европа и светот, видов дека ние имаме природа, вода, воздух. Така почнав со реновирање на старата куќа која в година ќе прави 100 години, правена е од моите дедовци во 1925 година, за сега да стигнеме на некои големи бројки“, вели Цветковски.

Вилата во Дихово е прогласена за една од најдобрите 10 дестинации на Lonely Planet. Туристи од целиот свет доаѓаат токму тука за да преспијат во автентична македонска селска куќа, да ја пробаат локалната храна и да уживаат во природните убавини на Пелистер.

Ова признание ја претвори понудата во Дихово атрактивна за меѓународните посетители. Тука доаѓаат гости од речиси целиот свет, од Еквадор, Панама, Аргентина, Мексико до Јужна Кореја, Јапонија, Тасманија.

„Самото поставување во Lonely Planet беше еден предизвик, после две години завршивме нови градби и го реновиравме објектот. Бевме номонирани од 50 скриени дестинации во Европа и ние го добивме престижното седмо место, единствени од Македонија“, истакнува Цветковски.

Голем потенцијал за алтернативниот туризам

Македонските дестинации нудат огромен потенцијал за развој на алтернативниот и селскиот туризам, кој за споредба со масовниот туризам е поодржлив, го вработува локалното население и носи дополнителна вредност за гостите.

„Стигнавме до еден концепт, што сега ние би го нарекле домашно, а во светот е многу популарно како slow food. Само сол, шеќер и кафе да ни биде од увоз. Се друго да биде наше, локално и тука од локалните производители, од овчарите, пчеларите и сите други добавувачи“, открива Цветковски.

Предноста на алтернативниот туризам е што создава поголема додадена вредност и нуди автентично и неповторливо искуство за гостите.

„90% од туристите кои доаѓаат кај нас се активни туристи. Наутро се доручкува и потоа се оди на планина. Ние имаме една статистичка бројка, после Австрија и Швајцарија сме трета највисока држава во Европа. Пелистер има 39 врвови над 2.000 метри, тоа е нешто што го прави да биде многу поразличен. За 15 минути сме на скијање, на 20 минути ни е Преспа и околните убавини што ги имаме“, смета Цветковски.

Тој додава дека „ако обичниот туризам расте 3 до 7 отсто, алтернативниот туризам расте до 20 отсто годишно. Ние како луѓе сме родени да живееме во природа“.

Во однос на плаќањето за престојот во Дихово туристите имаат слобода да остават онолку пари колку што сметаат дека заслужуваат домаќините.

„Ние готвиме со туристите заедно и на крајот во зависност од нивното задоволство тие ќе остават пари за храната што ја готвиме. Така да пречекај го гостинот како што сакаш да бидеш пречекан“, заклучува Цветковски кој направи револуција во туризмот во пелагонскиот регион.

TRT Balkan
Популарни