УНЕСКО даде негативни оценки за одржливоста на градот на каналите / Фото: Reuters

Агенцијата за култура на Обединетите Нации даде препорака Венеција да биде ставена на црната листа на светско културно наследство, разговорувајќи ја дебатата за долгогодишните проблеми на градот како што се прекумерниот туризам и последиците од климатската криза врз неговата структурна ранливост.

Иако Венеција во последните години презеде важни чекори да ги заштити еко-системот и светски познатите архитектура и уметност, од УНЕСКО сметаат дека не е доволно и го предупредија градот дека ќе се соочи со неповратни промени.

„Пријавените достигнување не одразуваат значителен развој во решавање на постојните и сложените проблеми поврзани со масовниот туризам, градежните зафати и климатските промени“, неодамна порачаа од УНЕСКО.

Овие фактори, се додава, „предизвикуваат влошување и оштетување на градбите и урбаните области, го деградираат културниот и социјалниот идентитет на Венеција и го загрозуваат интегритетот на нејзините еколошки и пејзажни атрибути и вредности“.

Економијата на градот претрпе двоен удар со поплавите од ноември 2019 година, кои предизвикаа сериозни штети на многу историски градби, продавници, барови, ресторани и домови, проследено со пандемијата на Ковид-19 што драстично го намали бројот на посетители.

Оттогаш туризмот закрепна, но допрва треба да ги достигне нивоата пред пандемијата.

Според последните податоци на градската управа, 5,7 милиони туристи ја посетиле Венеција во 2021 година, во споредба со речиси 13 милиони во 2019 година.

Многу експерти предупредуваат дека овие бројки, кои ги земаат предвид само оние кои поминуваат барем една ноќ во градот, а не и дневните патници, сериозно ја потценуваат реалната бројка на посетители.

На пример, Фабио Карера, професор на Политехничкиот институт Ворчестер, пресметал дека просечно 82.000 посетители се влевале во Венеција секој ден во неколку години пред пандемијата, со што бројот на годишни туристи во градот изнесува околу 30 милиони.

Од 2020 година се поставени подвижни бариери на влезните точки на пристаништето кои ја штитат Венеција од влијанието на плимата и осеката кои периодични поплавуваа делови од градот низ последните декади.

Потоа, Влада на Италија ги забрани огромните бродови за крстарење, кои со години пловеа до украсните плоштади на Венеција, да се доближуваат до познатите знаменитости како плоштадот Сан Марко, со што се стави крај на долгодишните спорови меѓу тур операторите и жителите.

Во 2019 години ваков брод се судри во пристаништето, повреди петмина и оштети помали бродови. Инцидентот беше мотив за покревање локална кампања за забрана за влез на вакви бродови во срцето на Венеција.

Постојани проблеми

Проблемот со прекумерниот туризам и ранливоста на градот и натаму се присутни.

Клаудио Морети, кој поседува книжарница во градот, вели дека не е изненаден од забелешките на УНЕСКО, додавајќи дека не може да се игнорира посочувањето на вистинските проблеми.

„Мислам дека само човек со лоши намери може да каже дека прекумерниот туризам не е проблем за Венеција. Може да дискутираме за разлничните начини како да го решиме, но проблемот нема сам да исчезне“, вели Морети.

Градската управа посочи дека внимателно ќе ги прочитаат препораките и ќе ги пренесат до Владата на Италија која е задолжена за дијалог со УНЕСКО, а дополнителни коментари засега немаат.

Карла Канаца, дизајнерка за внатрешен ентериер која поседува ателје во Венеција, вели дека и недостасуваат времињата кога туристите кои го посетуваа градот беа вистински љубители на уметноста.

Исто така масовниот туризам во изминатите години предизвика товар врз инфраструктурата на градот, па дури натера дел од жителите да се иселат.

„Познавав многумина кои поседуваат стан тука и доаѓаа за долги посети секоја година. За жал многумина од нив ги продадоа становите во последните 15 години и ретко се враќаат тука“, вели Канаца.

Додека масовниот туризам постојано растеше, бројот на население на Венеција постојано се намалуваше поради недостиг на достапно домување и работни места кои не се поврзани со туризмот.

Според податоци на градот Венеција бројот на жители од 175.000 во 1950 година се намалил на под 50.000.

Шати Ганеша, која е родена во Венеција, а потоа живеела во странство, повторно се врати во родниот град во 2020 година.

По месечната потрага за дуќан конечно отворила бизнис за продажба на рачно изработени кожни производи.

„Многу од традиционалните занаетчии се откажаа и го напуштија градот, што е огромна загуба за Венеција. Со иселувањето на жителите се губи душата на градот“, вели Ганеша.

Таа смета дека туристите треба да бидат повеќе свесни за убавината и особеностите на системот на канали, не само за уметноста и архитектурата на градот.

„Потребна е поголема заштита на каналите на Венеција. Туристите треба да се едуцираат за темата со тури во природа што е фантастичен дел од Венеција и е начин да почне заштитата“, вели Ганеша.

Дали треба да се укине туризмот?

Секако, има многумина што не се согласуваат со проценката на УНЕСКО.

„Венеција е добро заштитена, не само од акциските планови кои ги постави државата, туку пред се од страста на жителите и сите Италијанци“, вели Ренато Брунета поранешен министер кој води фондација чија цел е Венеција да стане „главен град на одржливоста“.

Ставањето на Венеција на листата на загрозено светско наследство е „неправедно и може да има непосакувани ефекти, спротивно на тие кои се посочени од УНЕСКО“, дополнува Брунета.

Тој се согласува дека приливот на туристи треба да се регулира, но не и да се прекине. Со неговата фондација соработува со многу институции кои работат на одржливоста на градот и се преземаат напори за да се привлечат повеќе долгорочни жители како што се студентите.

Масимо Качиари има потврди ставови за туризмот. Поранешниот градоначалник смета дека има силен притисок од туризмот, но нема друга опција за Венеција и италијанската економија како целина.

„Фала му на бога што постои туризмот, да не треба да го укинеме само затоа што УНЕСКО вели дека е штетен. Јас попрво би дал средства за неопходните интервенции, повеќе да се работи, а помалку да се збори“, порача Качиари преку медиумите.

TRT World
Популарни