15% од светското население живее со некаква форма на попреченост / Photo: AA Archive

Околу една милијарда луѓе, или приближно 15% од светското население, живеат со некаква форма на попреченост.

Според податоците на Светска здравствена организација, стапката на инвалидност постојано ќе се зголемува поради стареењето на населението и глобалниот пораст на хроничните здравствени состојби.

Во науката постојат четири главни категории за дефинирање на попреченоста кај едно лице. Тоа се: емотивни, сензорни нарушувања, физички и развојни.

Во ЕУ 750.000 лица со интелектуална попрченост

Последните истражувања за интелектуалната попреченост направени во 29 земји од кои 23 се земји во ЕУ, покажуваат дека 750.000 лица со интелектуална попреченост мора да живеат во сегрегирани институции за грижа со 30 или повеќе лица на едно место, а 39.000 лица престојуваат во психијатриски болници.

Во 15 земји на лицата со интелектуална попреченост им е ограничено да се кандидираат на избори, а помалку од 10% од нив имаат платена работа. Во случај да почнат да работат, во 17 земји ќе ги загубат бенефициите кои ги имаат како лица со попреченост.

Во однос на школувањето, истражувањето покажува дека 1,1 милион деца со интелектуална попреченост одат редовно на училиште, 700.000 одат во специјални училишта, а 20.000 деца со интелектуална попреченост воопшто не се школуваат.

Со цел да се зголеми свеста за подобро разбирање на луѓето кои се засегнати од некаков хендикеп, да им се пружи поголема поддршка, и да се заштитат нивните права, Обединетите нации во 1992 година го прогласија 3 декември за Меѓународен ден на лица со попреченост.

Можност за подигнување на свеста во општеството за лицата со попреченост

Овој датум дава можност за владите, организациите и заедниците да се здружат за да ја подигнат свеста, да промовираат инклузија и да преземат активности за подобрување на животот на лицата со попреченост.

Покрај тоа овој ден е потсетник дека сите треба да се залагаме да создадеме средина во која секој поединец, без разлика на неговите способности, ќе има можност да води исполнет живот.

Темата на годинашното одбележување е „Обединети во акција за спасување и постигнување на целите за одржлив развој за, со и од лицата со попреченост“.

Во сите земји низ светот планирани се различни настани за одбележување на Меѓународниот ден.

TRT Balkan / агенции
Популарни