Десетици илјади Палестинци во Газа се без покрив над главата по израелските напади / Photo: AA

Палестинците во Појасот Газа не ги напуштаат своите домови уништени од израелските напади.

Палестинците кои успеаја да ги преживеат неколкунеделните жестоки бомбардирања од страна на израелската војска, не ги напуштаат урнатините од своите домови исполнети со спомени на нивните семејства и деца.

Според податоците на Владата во Газа, во нападите извршени од израелската војска од 7 октомври до 24 ноември, убиени се над 15.000 Палестинци, главно жени и деца, 50.000 куќи се целосно уништени или оштетени, а делумно се уништени или оштетени 250.000 станбени единици.

„Живеам во мојата уништена куќа бидејќи во неа се спомените за мене и моите деца. Нашите спомени и соништа се тука, во уништената куќа“, рече Палестинецот Јасин ал-Кара, кој живее во селото Хузаа во Хан Јунис, на југот на Појасот Газа.

Со Палестинецот во уништената куќа живеат и неговите седум деца.

„Не можев да најдам место за засолниште освен урнатините од мојата куќа. Во училиштата се појавуваат зарази и болести, нема основни услови за живот“, раскажува Ал-Кара.

Тој истакна дека десетици илјади Палестинци во Газа останале без покрив над главата поради израелските напади.

„Засолништата не се погодни за луѓе. Нема вода, како да живееме на студено? Децата ми се постојано болни. Се надеваме дека судирите целосно ќе престанат и дека овој кошмар на војната ќе заврши“, рече Ал-Кара.

Палестинката Ум Ајман ал-Кара, исто така изјави дека нивните основни животни потреби не се задоволуваат во училиштата кои се поврзани со Агенцијата на Обединетите нации за помош на палестинските бегалци на Блискиот Исток (УНРВА).

Според неа, тие од почетокот на „хуманитарната пауза“ живеат во урнатините на нивните уништени куќи.

„Ќе останеме во нашата уништена куќа и покрај големиот студ. Се надевам дека војната ќе заврши. Решени сме да останеме во урнатините на нашата куќа“, порача Ум Ајман.

Палестинецот Ибрахим ал-Наџар, кој живее во источниот дел на Хан Јунус, рече дека кога започнала „потрагата по луѓето“ на 24 ноември, тие се вратиле во својата куќа и ја нашле разрушена.

Наведе дека чека судирите во Газа целосно да престанат за да може повторно да ја изгради својата уништена куќа.

Наџар го повика целиот свет „да застане покрај Газа за трајно да се стави крај на судирите“.

AA
Популарни