Најмалку 30 лица загинаа, а 100 други се повредени во израелски воздушен напад врз училиште под раководство на ОН во северниот дел на Појасот Газа во четвртокот вечерта, соопшти палестинската група Хамас.
Цел на нападот било училиштето Абу Хусеин спонзорирано од УНРВА во бегалскиот камп Џабалија, се вели во соопштението на Хамас.
Официјалната новинска агенција Вафа претходно соопшти дека најмалку 27 лица загинале, а 93 други се повредени во училиштето, каде што живееле многу раселени жители на Газа.
Засега нема коментар од израелската армија за извештајот.
Нападот се случи неколку часа пред да започне хуманитарната пауза меѓу Израел и Хамас во Појасот Газа во петок во 7 часот по локално време (5 ГМТ).
Израел започна немилосрдни воздушни и копнени напади врз Појасот Газа по прекуграничниот напад на Хамас на 7 октомври, при што загинаа повеќе од 14.854 Палестинци, вклучувајќи 6.150 деца и над 4.000 жени, според здравствените власти во енклавата.
Во меѓувреме, бројот на загинати во Израел е околу 1.200, според официјалните бројки.