Најмалку 40 Палестинци беа убиени вчера вечерта и денеска наутро во израелски воздушни напади низ Појасот Газа.
Цитирајќи локални извори, официјалната палестинска новинска агенција Вафа објави дека 13 лица загинале, а неколку други се повредени во израелски воздушен напад врз дом на семејството Шахин во јужната област на градот Деир ал Балах во централниот дел на Појасот Газа.
Седум Палестинци беа убиени во израелски воздушен напад врз дом на семејството Насар во бегалскиот камп Нусејрат, а уште еден Палестинец беше убиен во друг израелски напад врз кампот во централниот дел на Појасот Газа.
Уште пет Палестинци загинаа во два израелски воздушни напади во бегалскиот камп Буреиџ.
Во градот Газа, очевидци изјавија дека седум Палестинци биле убиени во израелски воздушен напад, чија цел била училиште во кое се засолниле раселените луѓе.
Во уште еден напад врз дом на семејството Шаат во областа Насер во градот Рафа во јужниот дел на Појасот Газа загинаа една жена и четири деца.
Уште двајца Палестинци загинаа во напад со беспилотно летало врз група луѓе во областа Хирбет Ал Адас во Рафах.
Од 7 октомври 2023 година, во израелските напади во Газа, загинале над 46.600 лица, од кои повеќето жени и деца, и покрај резолуцијата на Советот за безбедност на ОН со која се бара итен прекин на огнот.
Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење во ноември минатата година за израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант под обвинение за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.