На денешен ден пред точно 78 години фрлена е атомска бомба врз јапонскиот град Нагасаки на 9 август 1945 година, по три дена откако е фрлена првата на Хирошима.
Во Јапонија и низ светот, деновиве се одбележуваат 78 години од употребата на атомската бомба во историјата, која Соединетите Американски Држави првпат ја фрлија врз јапонскиот град Хирошима на 6 август 1945 година, како резултат на што градот е срамнет со земја, а истиот ден загинаа повеќе од 70.000 луѓе.
Атомската бомба, „Мало момче“ (Little Boy), падна на Хирошима утрото на 6 август 1945 година во 8:15 часот. Тоа било бомба на база на ураниум со разорна моќ од 15-16 килотони ТНТ. Бомбата имала форма на цилиндар, долга била 305 сантиметри, со дијаметар од 71 сантиметар и тешка околу четири тони, од кои 60 килограми биле ураниум.
Бомбата била фрлена од височина од 10.000 метри и детонирана на околу 550-580 метри над земјата за да се добие максимален ефект. Претпоставките се дека до крајот на 1945 година, бројот на жртвите како резултат на атомската бомба се искачил на 140.000.
Само три дена подоцна, на 9 август, САД фрлија втора атомска бомба, овој пат врз јапонскиот град Нагасаки, на околу 300 километри југозападно од Хирошима.
Втората бомба наречена „Дебелко“ (Fat Man) паднала во градот Нагасаки во 11 часот и две минути претпладне. Оваа бомба имала уште посилна разорна моќ од првата, приближно 21-25 килотони ТНТ, а експлодирала на висина од околу 500 метри. Имала облик на јајце со должина од 325 см, дијаметар од 153 см, а тежината ѝ била 4.650 килограми.
Првичната цел на нападот бил градот Кокура, но поради големата облачност и неповолните временски услови, авионите продолжиле кон Нагасаки, па врз тој град биле фрлени бомби, иако облачноста била уште поголема. Се претпоставува дека во овој град во директниот напад или во следните неколку дена загинале меѓу 60.000 и 70.000 луѓе.
Иако американскиот официјален став е дека атомското бомбардирање морало да се случи бидејќи последиците од инвазијата на Јапонија би однеле премногу жртви, некои историчари тврдат дека САД сакале брз крај на војната за да се избегне советскиот продор на истокот.
Лидерите на Велика Британија, Советскиот Сојуз и Соединетите Американски Држави, премиерот Винстон Черчил (подоцна Клемент Атли), генералниот секретар на ЦК на КПСС, Јосиф Сталин и претседателот на САД, Хари С. Труман, се состанаа на крајот на јули на конференција во Потсдам, во окупирана Германија.
Како еден од резултатите на Постдамската конференција, сојузниците им даваат на Јапонците ултиматум за безусловна капитулација, но јапонскиот премиер Кантаро Сузуки на 27 јули го отфрла овој ултиматум.
Потоа, на 9 јули 1945 година, Јапонците испратија барање за почеток на преговорите за примирје, но на 6 август Американците ја фрлија првата атомска бомба на Хирошима, а три дена подоцна, на 9 август, на Нагасаки. На 2 септември 1945 година, Јапонците потпишаа безусловно предавање, за да спречат евентуално трето бомбардирање, со што заврши Втората светска војна.
Според проценките на Јапонија во 1968 година, 250.000 жители на Хирошима починале веднаш по експлозијата или во рок од пет години од болести поврзани со радијација. Многу од преживеаните подоцна починале или сè уште умираат од последиците од бомбардирањето, како што се рак и леукемија, така што никој со сигурност не знае колку жртви однесе фрлањето на атомската бомба. Црните капки дожд што подоцна паднаа и носеа радијација, однесоа повеќе животи.