79 земји членки на Меѓународниот кривичен суд (МКС) објавија заедничка декларација против одлуката на САД за воведување санкции кон Судот, известува Анадолу.
„Ја потврдуваме нашата поддршка за независноста, непристрасноста и интегритетот на МКС“, се вели во писмената декларација подготвена под водство на земјите Луксембург, Мексико, Сиера Леоне, Словенија и Вануату, што е објавена на веб-страницата на Постојаната мисија на Сиера Леоне во Обединетите нации (ОН).
Во декларацијата се нагласува дека Судот се соочува со предизвици без преседан и дека санкциите кон МКС и неговиот персонал претставуваат закана која може да го наруши меѓународниот правен поредок.
Предупредувајќи дека санкциите може да ја загрозат безбедноста на сите засегнати, вклучително и на жртвите, сведоците и судските службеници, во декларацијата се истакнува дека Судот може да биде принуден да ги затвори своите теренски канцеларии во земјите каде што спроведува истраги.
Интересен е фактот дека Германија, Франција, Белгија, Канада, Холандија, Шпанија, Шведска, Норвешка и Швајцарија ја потпишаа декларацијата, но Велика Британија, Чешка, Јапонија и Австралија, кои исто така се земји членки на МКС, не ја потпишаа.
Американскиот претседател Доналд Трамп потпиша извршна наредба за воведување санкции кон МКС поради налозите за приведување на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант.