Нема безбедносно или воено решение за Појасот Газа, само политичко, му порача палестинскиот претседател Махмуд Абас доцна синоќа на британскиот министер за надворешни работи Дејвид Камерон.
Камерон пристигна во Израел во вторникот на регионална турнеја и во окупираните палестински територии, Катар и Туркије за да разговара со лидерите за итна хуманитарна пауза и да обезбеди договор за ослободување на израелските заложници држени во Газа.
На состанокот со Камерон во Рамала, на Западниот Брег, Абас повика на итен прекин на израелската агресија врз народот на Газа, Западниот Брег и Ерусалим (Кудс), јави палестинската државна новинска агенција Вафа.
Тој, исто така, ја истакна потребата да се забрза влезот на хуманитарна помош во палестинската енклава.
Абас побара запирање на израелските окупациски напади и насилството од страна на терористичките доселеници на Западниот Брег, повторувајќи го неговото отфрлање на раселувањето на Палестинците од Појасот Газа, Западниот Брег и Ерусалим (Кудс), додаде Вафа.
Тој ја нагласи потребата Израел да престане со своите опресивни практики, етничкото чистење и поткопувањето на дводржавното решение, соопшти новинската агенција.
Безбедноста и мирот се постигнуваат со насочување кон политичко решение во согласност со дводржавното решение, нагласи Абас.
Израел започна смртоносна офанзива врз Појасот Газа по нападот на Хамас на 7 октомври. Во израелските напади досега загинати се најмалку 25.700 Палестинци, а повредени се 63.740. Се верува дека во нападот на Хамас загинати се речиси 1.200 Израелци.
Израелската војна остави 85 отсто од населението на Газа внатрешно раселено, со акутен недостиг на храна, чиста вода и лекови, и повеќе од половина од инфраструктурата на енклавата оштетена или уништена, покажуваат податоците на Обединетите нации.