Палестинскиот претседател Махмуд Абас во обраќањето на вонредната седница на Големото национално собрание на Туркије во Анкара изјави дека донел одлука за посета на Појасот Газа.
Абас изрази посебна благодарност за ставот на Република Туркије, која под водство на претседателот Реџеп Таип Ердоган ги застапува и брани легитимните права на палестинскиот народ.
„Ние ќе продолжиме да стоиме цврсто и нема да ја напуштиме нашата земја“, рече Абас.
Тој исто така истакна дека „израелските воени злосторници нема да останат неказнети за нивните злосторства“.
Палестинскиот претседател рече дека без Газа не може да има држава Палестина.
„Нашиот народ ќе ги протера окупаторите без разлика на сѐ“, рече Абас.
Тој нагласи дека палестинскиот народ дава отпор на „ционистичкото движење“ кое се обидува да го контролира целиот регион.
Абас апелираше до сите да помогнат во ослободувањето на повеќе од 10.000 Палестинци затворени во израелските затвори.
Тој и се заблагодари на Туркије што испрати десетици илјади тони хуманитарна помош за жителите на Газа.
„Работиме на единството на Палестина, бидејќи најдобриот пат до победата е преку единство. Им благодарам на сите што ни помагаат во тоа, предводени од Туркије“, рече Абас.
Тој истакна и дека ќе го посети и Појасот Газа.
„Не ни останаа многу решенија, затоа јас и целото палестинско раководство решивме да одиме во Газа, мојот живот не вреди повеќе од животот на децата во Газа“, рече Абас.
На крајот рече дека израелскиот окупатор е осуден да исчезне.
„Палестина ќе биде слободна. Им благодарам на Туркије, нејзиниот народ и на претседателот Ердоган за поддршката на Палестина“, нагласи палестинскиот претседател.
46-минутниот говор на Абас беше проследен со аплауз од турскиот претседател Ердоган, пратеници и други гости.
Палестинскиот претседател Махмуд Абас во средата пристигна во Анкара, главниот град на Туркије и се состана со неговиот турски колега Реџеп Таип Ердоган и други турски претставници.