Претседателот на палестинската управа Махмуд Абас денеска ги отфрли повиците на СAД да ја преземат контролата врз територијата и да ги преселат нејзините жители во соседните земји.
„Нема да дозволиме никакво кршење на правата на нашиот народ, за кои се боревме со децении и направивме големи жртви за да ги постигнеме“, рече Абас, пренесува палестинската новинска агенција Вафа.
Тој рече дека за правата на Палестинците не може да се преговара и повтори дека само решението за две држави со границите од 1967 година може да донесе регионална стабилност.
„Овие повици претставуваат сериозно кршење на меѓународното право. Мирот и стабилноста во регионот нема да се постигнат без формирање на палестинска држава со Ерусалим како главен град на границите од 4 јуни 1967 година, врз основа на решение за две држави“, нагласи тој, додавајќи дека палестинскиот народ нема да се откаже од својата земја, права и „свети места“.
Абас нагласи дека Појасот Газа е составен дел од земјата на „Државата Палестина, заедно со Западниот Брег и Источен Ерусалим, окупирана од 1967 година“.
Според него, за легитимните палестински права не може да се преговара.
„Организацијата за ослободување на Палестина (ПЛО) е единствениот легитимен претставник на палестинскиот народ и независен носител на одлуки и никој нема право да донесува одлуки во нејзино име за иднината на палестинскиот народ“, предупреди палестинскиот лидер.
Тој изрази благодарност за, како што рече, „цврстите и непоколебливи позиции“ на арапските земји против раселувањето и анексијата и нивната посветеност за формирање независна палестинска држава со главен град Ерусалим, како основен услов за постигнување мир во регионот, „во согласност со меѓународните резолуции и Арапската мировна иницијатива“.
Тој ги повика генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш и Советот за безбедност да преземат одговорност и да преземат итни мерки за заштита на едногласно договорените резолуции за меѓународна легитимност, заштита на палестинскиот народ и неговите неотуѓиви права, вклучително и правото на самоопределување и да останат во својата татковина, и „да стави крај на израелската окупација на Палестина“.
„Палестинскиот народ и неговото раководство се посветени на меѓународниот легитимитет и Арапската мировна иницијатива, која го потврдува олицетворението на независна и суверена палестинска држава на територијата на Појасот Газа и на Западниот Брег, вклучувајќи го и Источен Ерусалим како вечен главен град“, заклучи палестинскиот лидер.
Американскиот претседател Доналд Трамп на заедничка прес-конференција со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека САД ќе го „преземат“ Појасот Газа, опишувајќи ја неговата визија за областа како „Ривиера на Блискиот Исток“.
Тој најави дека САД ќе бидат одговорни за отстранување на опасните неексплодирани бомби и оружје, како и за обнова на уништените згради.
Американскиот претседател не ја исклучи можноста за испраќање американски војници за обезбедување безбедност, нагласувајќи дека САД ќе ги преземат сите неопходни чекори за стабилизирање на регионот.
Трамп го повтори својот предлог за трајно раселување на Палестинците, нагласувајќи дека тие треба да се преселат во други арапски земји, како Јордан и Египет, и дека Газа во моментов е „само урнатини“.