Акар: Агресивниот став на Израел ја зголемува тензијата во регионот

Турскиот министер за национална одбрана, Хулуси Акар, денес ги осуди неодамнешните израелски напади во Палестина, повикувајќи на нивен итен прекин.

„Израел изврши неселективни напади врз Појасот Газа минатата ноќ, користејќи непропорционална сила. Ние силно ги осудуваме овие напади“, изјави Акар за новинарите во главниот град Анкара.

Неговите изјави следуваа откако израелската Армија денес, во раните утрински часови, изврши воздушни напади врз Газа и јужен Либан.

Ескалацијата се случи откако израелските сили упаднаа во комплексот на џамијата Ал Акса во окупираниот Источен Ерусалим (Источен Кудс) две ноќи по ред и насилно ги отстранија палестинските верници.

„Овој агресивен став, кој ги игнорира човековите права и универзалните вредности, дополнително ја зголемува тензијата во регионот. Јасно е дека овие напади ќе му наштетат на регионалниот мир.“

„Израелската администрација мора веднаш да ги запре овие напади, кои само ќе го зголемат хаосот во регионот“, порача Акар.

Односите со Грција

Осврнувајќи се на неодамнешната посета на неговиот грчки колега Николаос Панајотопулос на јужната турска област Хатај, погодена од земјотресот, Акар рече дека е важно продолжувањето на позитивната и конструктивна атмосфера меѓу Анкара и Атина, што се појави по земјотресите.

„Туркије и Грција треба да ги решат постоечките проблеми во рамките на добрососедските односи и меѓународното право“, додаде тој.

„Во претстојниот период очекуваме конкретен позитивен развој за некои прашања како што е продолжувањето на периодот на мораториум, кој предвидува избегнување на вежби во меѓународните води и воздушниот простор на Егејското Море меѓу 15 јуни и 15 септември, кога туризмот е интензивен“, изјави Акар.

Истакнувајќи ја важноста на отворените канали за дијалог меѓу двете земји, Акар рече: „Наша искрена желба е Егејот и Медитеранот сега навистина да станат море на пријателство преку воспоставување постојана средина за соработка.“

TRT Balkan / агенции
Популарни