Турскиот министер за одбрана, Хулуси Акар, истакнувајќи ја желбата на Туркије за дијалог, мир и добрососедски односи во Егејското Море и во Источниот Медитеран, изјави дека Атина се обидува да ги спречи и саботира консултациите и мерките за градење доверба со Анкара.
Во придружба на военото раководство на Туркије, ресорниот министер Акар го посети новиот и најголем турски морнарички брод „ТЦГ Анадолу“ и по тој повод потсети на прекинатите консултативни состаноци на делегациите на Туркије и Грција.
„Не само што Грција не сака да ги води овие разговори, туку и се обидува да ги спречи да се случат, и ги саботира“, рече Акар.
Некои грчки политичари и претставници на одбраната имаат за цел да ги прикријат локалните прашања со постојано и свесно зголемување на тензиите со Туркије, истакна Акар, нагласуваќи дека Туркије е максимално претпазлива.
Тој рече дека Атина се обидува да ги претстави проблемите меѓу Грција и Туркије како „прашања поврзани со НАТО, САД и ЕУ“.
„Сега сите се свесни за нивните трикови [на Грција]. Сметаме и очекуваме сите да бидат повнимателни во овој поглед“, додаде тој.
„Сите тврдења на Туркије се засноваат на правни факти и конкретни податоци“, рече Акар, додавајќи: „И покрај тоа, постојат многу причини поврзани со Грција за да не се добијат никакви резултати. Има многу скандали во Грција во моментов. Има скандал со прислушувањето, миграцијата и корупцијата“.
Тој рече дека грчката јавност ги забележала неуспесите на својата Влада во Источниот Медитеран, и дека Атина „се надева дека ќе го покрие сето тоа со зголемување на тензиите“ со Анкара.
„Сакаме тие [грчката Влада] да видат дека не е можно да преживеат со создавање тензии, и дека одвлекувањето внимание не е профитабилно“, додаде тој.
Шефот на турската одбрана ги отфрли тврдењата дека Туркије е закана и нагласи:
„Туркије не е закана за никого, туку е сигурен, силен и ефективен сојузник“.
Туркије, која е членка на НАТО повеќе од 70 години, се пожали на повторени провокативни акции и реторика на Грција во регионот во последниве месеци, вклучително и наоружување на островите во близина на турското крајбрежје, кои треба да се демилитаризирани според обврските од договорот. Анкара нагласува дека таквите потези ги фрустрираат нејзините добронамерни напори за мир.
2 јан 2023
Акар: Грција се обидува да ги спречи и саботира консултациите со Туркије
Турскиот министер Акар рече дека Атина се обидува да ги претстави проблемите меѓу Грција и Туркије како „прашања поврзани со НАТО, САД и ЕУ“.
TRT Balkan / агенции
Поврзани новости
Написи во тренд во оваа категорија
Што друго би сакале да знаете?
Популарни