Турскиот министер за национална одбрана, Хулуси Акар, изјави дека Анкара сака да се продолжи договорот за пренос на жито преку Црното Море, кој истекува следната недела.
„Нашата желба е продолжување на договорот за жито“, нагласи Акар на денот на набљудување на воената вежба „Анадолија-орел 2023“ во централната област Коња.
„Заменик-министрите за одбрана на Туркије, Русија, Украина, како и претставници на ОН вчера се состанаа во Истанбул за да разговараат за договорот“, рече Акар, додавајќи дека разговорите продолжиле и денес.
Акар додаде дека досега, во рамките на договорот што истекува на 18 мај, повеќе од 30 милиони тони жито биле транспортирани до оние на кои им е потребно.
Туркије, ОН, Русија и Украина минатиот јули потпишаа договор во Истанбул за обнова на извозот на жито од три украински пристаништа на Црното Море, што беше стопиран по почетокот на руско-украинската војна во февруари 2022 година.
Во Истанбул беше формиран Заеднички координативен центар со претставници од трите земји и ОН за да ја надгледува испораката.