Палестинскиот министер за надворешни работи Ријад ал Малики денес истакна дека европските земји треба да ја признаат палестинската држава за да се постигне решение за војната.
„Тие земји (европските земји) треба сами да преземат иницијатива и треба да започнат со признавање на државата Палестина“, рече Ал Малики за време на прес-конференцијата во рамките на Дипломатскиот форум во Анталија, Туркије.
Тој истакна: „Ирска мора да биде во фронталниот ред за тоа. Ирскиот народ го бара ова, ирскиот Парламент го усвои ова и во моментов зависи од ирската Влада за преземањето на таа иницијатива“.
Палестинскиот министер, исто така, истакна дека „единствената легитимна власт што ќе работи и ќе продолжи да работи во Газа е палестинската“.
„Нетанјаху не е граѓанин на Газа и не е избран лидер на палестинскиот народ во Газа за (тој) да одлучува и да одредува кој ќе управува со Газа“, нагласи Малики.
Тој, исто така, го повика муслиманскиот свет и меѓународната заедница да заземат јасен став и да ги спречат вековните напори на Израел за промена на ситуацијата.
Министерот Ал Малики рече дека палестинскиот претседател Махмуд Абас ќе ја посети Анкара во вторник.
Посетата е „одраз на одличните работни односи што постојат меѓу двете земји“.
„Туркије испраќа хуманитарна помош во Газа, што се цени“, додаде официјалниот претставник, пофалувајќи го „политичкиот став на Туркије за осуда на злосторствата и геноцидот извршени од Израел во Газа“.
Израел започна смртоносна воена офанзива во Појасот Газа по нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година, во кој Тел Авив рече дека загинале речиси 1.200 луѓе.
Оттогаш, во израелските напади врз Појасот Газа загинаа 30.320 Палестинци, а повредени се најмалку 71.533.
Израел, исто така, наметна остра блокада на Појасот Газа, оставајќи го неговото население, особено жителите на северна Газа, на работ на глад.
Според Обединетите нации, израелската војна во Газа принуди 85 отсто од населението внатрешно да се расели, предизвика постојан недостиг на храна, чиста вода и лекови, додека 60 отсто од инфраструктурата на енклавата е оштетена или уништена.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата. Привремената пресуда во јануари му нареди на Тел Авив да ги запре геноцидните дејства и да преземе мерки за да се гарантира влез на хуманитарната помош за цивилите во Газа.
Меѓутоа, непријателствата продолжија со несмалено темпо, а испораките на помош и понатаму се недоволни за решавање на хуманитарната катастрофа.