Ова беше прво јавно обраќање на ал Шара откако беше назначен за преоден претседател на Сирија / Photo: Reuters

Сирискиот претседател Ахмед ал Шара денеска, во своето прво јавно обраќање откако беше назначен на оваа позиција, најави дека ќе работи на формирање сеопфатна преодна влада.

„Ќе формираме инклузивна влада која ќе ја изразува различноста на Сирија и подготвителен комитет за избор на совет кој ќе го пополни законодавниот вакуум. Политичкиот процес бара учество на сите без исклучување“, рече Ал Шара.

Тој најави и дека во наредните денови ќе биде именувана Комисија за подготовка на конференцијата за национален дијалог, како и комисија за избор на Законодавно-правниот совет што ќе ја пополни празнината во суспендираниот парламент.

„Изградбата на татковината е одговорност на сите нас и ова е повик до сите Сиријци заедно да ја изградиме нашата нова татковина“, рече тој.

Ал Шара нагласи и дека новите сириски власти во наредниот период ќе се фокусираат на „постигнување граѓански мир и гонење на криминалците кои пролеале сириска крв“.

Ал Шара вчера беше назначен за претседател во преодниот период на земјата , на состанокот на воените и револуционерните фракции кои се бореа заедно со групата Хајат Тахрир ал-Шам (ХТС).

Ал Шара, кој ја предводи ХТС, која го собори поранешниот сириски претседател Башар ал Асад на 8 декември, рече дека ХТС ќе биде распуштена.

САД овој месец ја укинаа наградата од 10 милиони долари што беше ветена за апсењето на Ал Шара, издадена по почетокот на граѓанската војна во Сирија.


TRT Balkan / агенции
Популарни