Специјалната известувачка на Обединетите нации за Палестина, Франческа Албанезе, ги повика земјите членки да воведат санкции кон Израел паралелно со ембарго за оружје додека тој не го сопре „ова лудило“.
„Да бидеме јасни. Додека МСП му наредува на Израел да ја прекине офанзивата во Рафах, Израел ги интензивира нападите врз неа“, истакна Албанезе преку X.
Меѓународниот суд на правдата (МСП) во својата последна одлука му нареди на Израел веднаш да ја прекине воената офанзива во Рафах, град во јужниот дел на Газа каде се засолнети повеќе од 1,5 милиони раселени Палестинци.
„Вестите што ги добивам од луѓето блокирани таму се застрашувачки“, рече таа.
„Бидете сигурни: Израел нема да го запре ова лудило додека не го сопреме НИЕ“, нагласи таа.
Албанезе ги повика сите земји членки на ОН „да воведат санкции, ембарго за оружје и да ги прекинат дипломатските и политичките односи со Израел додека тој не престане со својот напад“.
Вчера, МСП ги потврди своите претходни наредби и наложи дополнителни мерки, меѓу кои и држење на граничниот премин Рафах отворен и дозволување пристап на истражителите до блокираната енклава.
Над 35.800 Палестинци се загинати во Газа, од кои огромно мнозинство жени и деца, а речиси 80.300 се повредени од почетокот на израелските напади во октомври минатата година, кои почнаа по нападот на Хамас.
Повеќе од седум месеци по израелската војна огромни делови од Газа се во урнатини, каде владее и блокада на храна, чиста вода и лекови.